Денеска во Прилеп почина актерот Трајче Иваноски, еден од доајените на Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“.
Иваноски е еден од најангажираните актери на прилепскиот театар, каде што глумел од 1965 до 2007 година. И во пензионерските денови активно учествува во репертоарот на театарот. Одиграл улоги во околу 300 претстави. Во голем дел од нив ја имал и главната улога и за нив има добиено и престижни награди.
Тој глумел и во претставата „Коштана“, во режија на Петре Прличко, првата претстава со која е отворена сцената на домот на културата „Марко Цепенков“.
Со претставата „Залив“ од Ги Фоази, во режија на Коле Ангеливски, Иваноски прослави 30 години работа на сцена. Играше до последно, до пред извесен период, во претставите „Лажговци“, „Глембаеви“ и во приватниот театарски проект „Мендо и Мајло“.
Учествувал и играл во голем број ТВ-драми и серии меѓу кои е детската серија „Втора смена“, „Волшебното самарче“, „Итар Пејо“ и во „Солунски патрдии“
Комеморација по повод смртта на Иваноски ќе се одржи утре во 11:30 часот во театарот „Војдан Чернодрински“.