Почина Коста Јаневски, еден од основачите на радио „Антена 5“

По кратко боледување на 65-годишна возраст почина Коста Јаневски, филмски работник и еден од сопствениците и основачите на радио „Антена 5“.

Учествуваше во основањето, техничкиот развој и креирањето на програмата, а ја извршуваше функцијата Технички директор во „Антена 5“ од 1994 година.
Работеше на техничката и програмска реализација на сите домашни и меѓународни музички и културни настани пренесувани на програмата на „Антена 5“: Британските музички награди, Ем-Ти-Ви европските музички награди (MTV ЕМА), Зимската музичка конференција во Мајами, Викенд Медиа фестивалот, Егзит, Таксират, Интернационалниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки” и Д Фестивал во Дојран.

Пред основањето на „Антена 5“, беше дел од програмата Радио Микс на Радио УНО и проектот Радио Топ Листа на Македонија.

Дипломира на Електротехничкиот факултет. Својата кариера како филмски работник ја започнува во осумдесетите години, како монтажер на тон и тон снимател. Во 1985 година работеше како слободен филмски работник во Друштвото на филмски работници на Македонија, а од наредната година работи во продуцентската куќа “Вардар филм”. Во текот на својата кариера учествуваше во реализација на филмски проекти од домашна продукција и странски копродукции, голем број на играни, документарни, краткометражни и долгометражни филмови како “Македонска сага”, “Среќна Нова ‘49”, “Тетовирање” и многу други.

Беше член на Друштвото на филмски работници на Македонија и член на Здружението на тонски сниматели на Македонија. Погребот ќе биде во вторник во 11:30 на Градските Гробишта Бутел во Скопје.

Scroll to Top