На 68 години почина сопственикот на Радио 105 Бомбардер Битола, Лазар Николовски – Лаки. Тој почина во Клиничката болница од проблеми со срцето, а погребот ќе биде утре на Светинеделските гробишта. Лазар Николовски – Лаки е еден од пионерите на приватните радија не само во Битола, туку и во Македонија.
Ќе остане запаметен по прочуениот „Маратон без сон“, со кој влезе во Гинисова книга на рекорди како водител кој најдолго водел радиоемисија без спиење.
Во 1995 година тој без прекин водеше радиоемисии цели 22 дена со што го постави рекордот кој досега ниту еден водител успеа да го сруши.
Во Битола беше познат како човек кој иако не беше новинар, но целиот свој живот откако го отвори радиото ги развеселуваше битолчани, со својот начин на водење емисии и исполнување на музички желби.