Денеска, во Скопје, почина маестро Александар Џамбазов, македонски диригент и композитор. Веста за смртта на маестро Џамбазов ја објави син му, актерот Игор Џамбазов.
„Си замина нашиот маестро, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години. Од денес, конечно, со својата Анче. Вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој“, напиша Игор на „Инстаграм“.
Маестро Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија како диригент на Танцовиот и на Ревискиот оркестар. Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјата и странство. Добитник е на голем број стручни награди. Тој е четвртата генерација македонски повоени композитори.
Неговиот творечки опус е многу богат. Автор е на голем број детски песни. Иницијатор и долгогодишен диригент беше на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска и филмска музика: „Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ и други и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар, „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.
Беше во брак со актерката Анче Џамбазова, со која ги има синот Игор и ќерката Тања.