Пејачот и клавијатурист на групата „Интервали“, Мирчо Чуков, почина ненадејно на 64 години. За сега не се знае причината за неговата смрт. Чуков 30 години пееше во легендарната битолска група заедно со сопругата Снежана. Во својата долга кариера тие ги испеаја хитовите „Ех, да сакаш“, „Плачела“, „Ноќта е створена за грев“, „Те молам немој“, „Дана“, „Ана“.
„Интервали“ е формиран во 1974 година. Мирчо Чуков и Снежана Момчиловиќ како вокали, се придружија на групата во 1982 година, а во 1984 година ја прават првата снимка за продукцијата на РТСкопје за песната „Венчавка“. Во 1986 година учествуваат на Југословенските денови на поп-музиката во организација на Југословенската радио-телелвизија со песната „Не сум јас оној принц“, на Славе Димитров.
„Интервали“ учествуваа десет пати на фестивалот Макфест, а во 2021 година беа и специјални гости со свое шоу.
Двапати учествуваа и на југословенскиот избор за Песна за Евровизија, и тоа во 1989 година со песната „Оган гори“ заедно со Здравко Шкендер, и во 1990 година со песната „Како магија“.
Првиот албум го издадоа во 1991 година, а Чуков во 2009 година имаше соло проект со традиционални македонски народни песни. „Интервали“ во 2012 година го издадоа својот последен албум.