Почина Мите Грозданов, бардот на македонското глумиште

На 75-годишна возраст ноќеска во Скопје почина театарскиот, филмски и телевизиски актер Мите Грозданов.

Актерот е добитник на голем број престижни награди. Грозданов веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград на отсекот за глума во 1967 година се вработува во Драмскиот театар, кој ќе остане негова матична сцена сѐ до пензионирањето во 2008 година.

Изминативе години беше активен во монодрамата, поставувајќи две дела, „Црв“ во Драмски театар и „Од инат поинат, за инат“, за што знаеше да рече: „Во неколку наврати сум го објаснувал тој феномен. Монодрама може да играат само големи актери. Свет за себе ќе биде ако не знаеш што да правиш со себе. Никогаш не работи монодрама ако преку претставите што ги играш, заедно со колегите, сè си ѝ кажал на публиката за она што сакаат умот и душата да кажат. Но ако имаш, покрај претставите, уште нешто што те мачи или радува, тогаш работи голем актеру – преку монодрамата доискажи го она што го мислиш. Светот сам за себе ќе стане општ и ќе се радуваме заедно, зашто и монодрамата не може сама, ѝ треба публика!“

За монодрамата по стихови на Ацо Шопов „Дрво на ридот“ тој станува добитник на Сребрениот медал на Фестивалот на монодрама и пантомима во Земун.  Од неговите награди да ги споменеме и оние на весникот, односно ревијата „Млад борец“ и „Екран“. Но, иако досега неколкупати е номиниран и предложен за наградите „13 Ноември“ и „11 Октомври“, тој не успеа да се закити со нив.

Играл во повеќе театарски претстави: Јане Задрогаз, Болва в уво, Солунски патрдии, Рибарски караници, Мајка, Грдиот нарцис, Војцек, Тигар, Подбивна среќо моја, Зојкиниот стан, Татко, Собирен центар, Самоубиец, Од првиот здив, Вазна од порцелан.

 

Scroll to Top