Почина поетот и академик Радован Павловски

Вчера на 84-годишна возраст почина поетот, академик, есеист и патописец Радован Павловски. Веста за неговата смрт ја соопшти Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), чиј редовен член беше од 2006.

„Академик Радован Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. Повеќе книги со негова поезија се објавени и преведени во Македонија и надвор од неа, на српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и бугарски јазик, а во голем број избори на творештвото и на германски, италијански, арапски, грчки и кинески јазик. Творештвото на академик Радован Павловски е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија“, велат од МАНУ.

Во 1952 во списанието „Народно здравје“ првпат е објавена неговата кратка песна „Загонетка“, а во 1955 ги создаде првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“. Освен со поезија, тој се занимаваше и со цртање цртежи и карикатури, но и со создавање скулптури.

Во декември 1956 година се вработи како преведувач и новинар во Радио Скопје (Танјуг), а потоа од 1959 година и во „Нова Македонија“. Тој живееше во Загреб од 1964 до 1982 година, а потоа се пресели во Белград каде живееше од 1982 до 1985 година во Белград, по што се врати во Македонија.

Покрај тоа што беше редовен член на МАНУ од 10 мај 2006 година, тој беше член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ.

Меѓу неговите најпознатите збирки поезија се: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971) „Низ проѕирката на мечот“ (1971),  „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), ,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца),  „Господар на перото“ (2006), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во три тома) и „Се случува вечност“ (2014).

Но исто така е коавтор со академик Богомил Ѓузел е на манифестот „Епското на гласање“ (1960). Тој го создаде и патописот „Отклучување на патиштата“(1986), на книгата есеи „Што може поезијата?“ (1993), „Демократска џунгла“ (1994, политички есеи), „Порака на поетот до поетите на светот“ (1995, СВП) и „Поетиката на походот на Александар Македонски во цивилизациите“ (2009, есеј-студија).

Добитник е на Орденот за заслуга за народ со сребрени зраци, но и на многу други награди, меѓу кои: „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезлото на ДПМ (2002) и Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011).

Scroll to Top