Поради боите во кои некои го препознаа бугарското знаме ќе се бришат кадрите од спотот , објави Васил Гарванлиев

Евровизискиот претставник на Македонија, Васил Гарванлиев, објави дека од евровизискиот спот на песната „Here I stand“ ќе се избришат кадрите со уметничката слика која поради боите, некои препознаа бугарско знаме. Според него, измената на евровизискиот спот е за да нема погрешен приказ на уметничкото дело, а по многу негативни коментари кои беа објавени изминативе денови.
Иако со евровизискиот спот имав желба да прикажам ништо друго, освен музика и уметност, навистина ми е жал поради погрешната интерпретација на делото на нашата позната уметница Жанета Вангели.

Никој инволвиран во реализација на видео записот ниту пак претставници од наведената институција намерно не интервенирал во уметничката постановка на Националната галерија Даут Пашин Амам, за што и од самата галерија се изјаснија дека делото на ваков начин е изложено повеќе години. За да нема дополнителни негативни импликации и погрешен приказ на ова уметничко дело, одлучивме да ги отстраниме кадрите кои се однесуваат на него. Благодарам на огромната поддршка која ми ја упатувате овие денови и верувате во мојата искрена намера. Јас повеќе од 20 години пеам и ја претставувам Македонија и македонското знаме така и ќе остане“, напиша Гарванлиев.
Менувањето на евровизискиот спот доаѓа откако јавноста реагираше на кадарот од видеото каде меѓу останатите дела, се гледаше и уметничката слика „Омаж на Андреј Рубљов“ од авторката Жанета Вангели. Таа е поставена во Даут пашиниот амам во Скопје, каде е сниман и дел од спотот.
Делото на Вангели е изработено во триптих техника, додека редоследот на боите е бела, црвена и зелена. Во евровизискиот спот се гледа дека е направена промена на редоследот на боите со бела, зелена и црвена боја, што наликуваат на бугарското знаме, поставено во вертикална положба.

Scroll to Top