Каролина Гочева поради ковид го откажа концертот што на 4 август требаше да го одржи во Охрид. Таа вели дека не се чувствувала добро, па откако направила тест за корона, тој покажал дека е позитивна. Пејачката најави дека со охридската публика ќе се дружи наесен.
„Многу се радував на нашата средба во Охрид и многу сакав да ја повториме онаа магична вечер од Скопје, но, од синоќа не се чувствувам добро, денес се тестирав и имам корона. За жал, мораме да го откажеме концертот планиран за четврток во Охрид. Се гледаме во следна прилика, а на Охрид ќе му се оддолжам со концерт наесен“, напиша таа на социјалните мрежи.
Каролина во Охрид требаше да го одржи концертот „Ајде да летаме“, со нејзините најголеми поп-хитови. Таа изминатите денови често го најавуваше нејзиниот настап, а фановите ѝ коментираа дека едвај чекаат да ја слушнат во живо, ама и дека охридскиот сигурно ќе е подобар од скопскиот концерт.