„Посакав да му ја бакнам раката кога видов како оперира отворено срце“, Адријана Алачки му даде поддршка на Жан Митрев

Кога во јавноста неодамна се појави веста дека Филан Митрев, синот на д-р Жан Митрев, е уапсен и обвинет за тероризам во Германија, познатиот кардиохирург доби јавна поддршка од водителката и пејачка Адријана Алачки. Таа објави заедничка слика со него и му се заблагодари што пред неколку години ѝ го спасил животот на мајка ѝ. Алачки во објавата на „Инстаграм“ вели дека е само една од многуте на кои ѝ направил добрина.

„Те сакам, докторе, до небото и назад. Колку добрини ми направивте, а да не зборувам за целиот свет“.

Првпат го видов во Германија, во Мајнц, во црковната сала каде што пеев за Велигден пред 20-ина години. На велигденската прослава беа половина Германци, кои буквално не го оставаа да здивне, сите му се поклонуваа во тоа време. Од сцената го забележав токму поради неговата скромност. Се запознавме лично кога дојде со двете деца во рацете зад сцената да ме замоли да му ја отпееме ‘Земјо македонска’. И, верувале или не, не ги испушти децата од рацете цела вечер, дури и играше на орото со нив во двете раце. Пред да го запознам гледав на Си-ен-ен операција што тој ја извршуваше на отворено срце и кога слушнав дека е Македонец, посакав раката да му ја бакнам и да го прегрнам. Господ веднаш ми ја исполни желбата и за Велигден бевме заедно во Германија. Очите не ги тргав од него, колку грижливо се однесуваше кон децата и си велев: ‘Господе, голем си, како не му паднаа рацете’. Кога се поздравивме на заминување, ми рече: ‘За лошо, за арно, побарај ме’ и ми се заблагодари за песната.

По многу години додека слетував во Токио, добив порака од ќерка ми дека мојата мајка умира: ‘Враќај се’. Ми се одзедоа и рацете и нозете и веднаш му се јавив. Ми рече ќе испрати возило да ја земат и ми го затвори телефонот. Додека барав билет за назад (ми рекоа следниот лет е за 24 часа), докторот ми се јави, ми рече дека мајка ми е буквално вратена во живот. ‘Терај си ја работата, ние сме тука’. Jас сум само капката во океанот кому сè му помогнал. Господ нè става на многу пеколни искушенија во животот, можеби токму ние ќе ги чистиме кармите од предците. Седете си мирни и како велеше мојата баба – ‘плукни си синко во пазувите, деца имаш и не зборувај, не суди за туѓите’. Гледајте си за децата“, напиша, меѓу другото, Алачки.

За потсетување, Филан, синот на Жан Митев, беше уапсен лани во ноември за планирање терористички напад во Германија, а за акцијата набавил и хемикалии за правење бомба. Веста во јавноста се појави неодамна кога германските медиуми објавија тој потекнува од угледни родители, а неговиот татко е сопственик на приватна клиника за кардиохирургија во Македонија.

Д-р Митрев потоа во изјава за медиумите рече дека секој човек на 25 години си одговара за своите постапки и додаде дека веќе неколку години не биле во контакт.

Scroll to Top