Последниот албум на пијанистот Симон Трпчески e номиниран за меѓународните награди за класична музика ИЦМА, соопштија од Здружението за култура и уметност „КултурОп“. Албумот во мај годинава го објави престижната британска издавачка куќа „Лин рекордс“.
Неговиот албум со филхармонискиот оркестар „Јаначек“ и диригентот Кристијан Мачелару од Романија со делата од Шостакович е меѓу трите проекти номинирани во категоријата разновидна програма на ИЦМА.
Трпчески за Македонското радио рече дека цедето е реализирано на негова иницијатива за време на пандемијата, а изборот на делата говори за креативноста и оригиналноста на Шостакович.
„Станува збор за еден производ од оваа пандемија што јас го иницирав за да бидам продуктивен кога веќе немав концерти. Заедно со ‘Лин рекордс’, филхармонискиот оркестар ‘Јаначек‘ од Острава, Кристијан Мачелару, кој е шеф-диригент на Националниот оркестар на Франција и со првиот трубач на овој оркестар, Андреј Кавалински од Белорусија, успеавме да организираме снимање на двата пијано концерта на Дмитри Шостакович, како и на Второто трио за виолина, виолончело и пијано со моите драги колеги од проектот ‘Македонисимо’, Александар Краповски и Александар Сомов. Овој избор е еден опис на разните творечки периоди од животот на Шостакович, кој сведочи за неговата креативност и оригиналност“, рече Трпчески.
Имињата на добитниците ќе бидат соопштени на 18 јануари, а признанијата на лауреатите ќе им бидат врачени во Луксембуршката филхармонија на 21 април.