Повеќе од 2.000 посетители на јубилејното издание на „Здраво млади 2025“ во МКЦ

По два дена исполнети со музика и енергија, ЈУ Младински културен центар успешно го заврши 15-тото јубилејно издание на фестивалот „ЗДРАВО МЛАДИ“, одржано на 10 и 11 октомври 2025 година во МКЦ.

Овогодинешното издание, исполнето со свежа енергија и богата програма, собра повеќе од 2.000 посетители, кои во текот на двата дена уживаа во концертите, диџеј сетовите и настапите на бројни домашни и регионални изведувачи.

Бината во салата “25 Мај” (Денсинг сала), оваа година ја отворија “The Pot”, едни од победниците на “Imagine Macedonia” натпреварот за млади музичари, во организација на Музичката младина на Македонија. Нивниот настап означи почеток на фестивалот кој уште еднаш потврди дека „Здраво млади“ е централна платформа за промоција на нови музички правци и артисти.

Најпосетениот стејџ – платото на МКЦ – беше вистинско музичко собиралиште, каде диџеј Фиц и Мартин Георгиевски алијас “Amplidyne effect” приредија неверојатен шест часовен диџеј сет, кој ја одржа еуфоријата до самиот крај на фестивалот.

Со настапите на “Repetitor”, Ахмед Факрун, “Pedro Horizonte”, “Ki Klop”, Преку ред, како и со специјалната програма на фестивалот во соработка со фестивалот „Прво па женско“ на специјалната бина на кои натапија “Pocket palma”, “Gillespie”, “Suze od luka”, “Lelee”, диџејката Katerinha и младиот скопски бенд КЕМ, „Здраво млади“ уште еднаш го потврди својот статус како најзначајна платформа за независна и современа музика во државата и пошироко.

Фестивалот „Здраво млади“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, Град Скопје, мрежата Liveurope и Тиииит.инк, а влезот беше слободен.

Scroll to Top