Денеска во „Александар Палас“ градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, ја отвори ждрепката на која беше утврден официјалниот редослед за настап на пејачите и пејачките на првата и втората полуфинална вечер на „Макфест 2018“.
Ѓоко Танески, Наташа Малинкова, Мартинијан Кириловски, Џокси, Тајфата и Димитар Адоновски, Дани Димитровска, се еден дел од позвучните и поискусни имиња. Познати пејачи му се враќаат на 33. најуспешен фестивал на забавни мелодии во Македонија, „Макфест“.
Првата вечер ќе ја отвори најмладата пејачка на фестивалот, Сара Гигова, со песната „Љубовна бура“, додека во втората вечер прва ќе настпаи Барбара со „Не си ти крив“.
„Песните и авторите се веќе познати. Следи фаза на изработка на ЦД-то со сите 32 песни на познати и нови имиња од македонската музичка сцена, така што до почетокот на фестивалот ќе бидат реализирани сите планирани задачи“, изјави Владимир Дојчиновски, уметничкиот директор на „Макфест 2018“.
„Традиционално, големата сала на НУЦК ‘Ацо Шопов’ ќе биде комплетно подготвена за фестивалот. Се договараат последните финеси околу сцената, звукот, преносот и веќе од идната недела комплетно влегуваме во реализација на ‘Макфест’. Останува публиката и Македонија да слушнат нови 32 композиции од домашната продукција“, изјави техничкиот раководител на „Макфест 2018“, Кирил Панајотов.
Денеска, по завршувањето на прес-конференцијата, која ја отвори градоначалникот на Штип, г. Благој Бочварски, одржана во хотелот „Александар Палас“ беше извршено и извлекувањето на официјалниот распоред за настап за првата и втората полуфинална вечер.