Празниците се поттик да споделиме грижа, оти многу сограѓани наместо хармонија, чувствуваат тага: Интревју со Елизабета Ѓоргиевска

Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, докторка Елизабета Ѓоргиевска во пресрет на велигденските празници направи разновидни колачи и денес ќе ги однесе на Клиниката за инфективни болести. Неодамна пак таа готвеше заедно со волонтерите од Ретвитни оброк. Во празничното интервју за Репортер зборувавме за празнувањето на Велигден. 

Од една страна традицијата, ама од друга страна, за жал, ситуацијата во која сме сите – пандемијата поради која многу луѓе останаа без своите блиски. Вака некако го започна разговорот Ѓоргиевска, која во интервјуто ни откри дека одбележувањето нa Велигден отсекогаш имало посебно значење во нејзиното семејство. Од бојадисувањето јајца, до одењето во црква или традиционалниот велигденски ручек. Но и оваа година, како и лани, сè е поинаку.

„Празнувајќи го овој светол ден, треба да го искористиме и да се посветиме еден на друг, да си посакаме мир, здравје и благосостојба, да се потсетиме на малите нешта коишто го прават животот скапоцен“, вели за Репортер првата дама.

Таа вели дека големите празници треба да бидат поттик да споделиме грижа, помош и поддршка на оние на кои тоа им е најпотребно.

„Секој од нас, барем за момент, треба да се осврне и пошироко околу себе, затоа што дел од нашите сограѓани, дури и во празничните мигови, наместо хармонија, чувствуваат тага, празнина и неизвесност, поради претрпени лични трагедии, поради здравствени, финансиски или други предизвици со коишто се соочуваат“, вели Елизабета Ѓеоргиевска.

Таа вели дека сега е потребно да се покаже хуманоста и емпатијата и во рамките на нашите можности да се обидеме да помогнеме колку што можеме.

„И најмал придонес и помош можат да предизвикаат позитивни промени во нечиј живот и да помогнат во празничните денови да се чувствуваат подобро. Тоа е исклучително важно, особено денес, кога човештвото е исправено пред еден од најголемите предизвици во нашата понова историја, пандемијата предизвикана од Ковид-19. За жал, и годинава сме присилени Велигден да го одбележуваме во пандемија, а многу луѓе се обременети со страв и неизвесност, многу луѓе ги изгубија најблиските“, вели сопругата на претседателот.

И покрај започнатата имунизација, којашто е единствениот излез од пандемијата, потребно е да продолжиме да се заштитуваме со одржување физичко растојание, носење маска и честа дезинфекција, како и почитување на мерките, вели првата дама.

„Им посакувам на сите граѓани кои го слават Велигден, да имаат спокојни денови, во добро здравје, со своите најблиски“, додава Ѓоргиевска.

Александра Георгиев

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Scroll to Top