Пријатели, колеги, блиски роднини вчера на штандот на „ТРИ“ на Саемот за книгата во Скопје, менаџерската легенда Велибор Џаровски-Џаро ја промовираше и потпишуваше книгата „Живот на коцка“. Автор и промотор на книгата е неговата ќерка, новинарката Милица Џаровска. Фанови на Џаро се фотографираа со него, па и си разменуваа досетки и шеги, додека тој ја потпишуваше книгата.
Од првата местенка која се случила во семејната куќа во населбата Ѓорче Петров каде што и денес живее, до необичната, но успешна соработка со најголемите музички и спортски ѕвезди од поранешна Југославија е раскажано во книгата за Џаро.
Во книгата Џаро раскажува и за неговите успешни соработки со најголемите балкански музички и спортски ѕвезди, и за тоа со какви предизвици и победи се соочувал во неговата менаџерска кариера, но и за тајните како тоа му успевало на Џаро.
„Многу пати во јавноста сум ги споделувал моите приказни, но време беше да се стават и на хартија, тие и уште некои кои досега ги немам кажано. Мојот „живот на коцка“ не се однесува само на коцката, туку на начинот на кој го живеев во едно поинакво време, па затоа ѝ дозволив на ќерка ми да го стави токму овој наслов. Но, и денес иако побавно се движам, знам да им кажам на помладите: „Јас имам проблем со ногата, немам проблем со главата““, изјави Џаровски.
Книгата се продава во сите книжарници на „Три“ низ Македонија.