Полицијата синоќа пред полноќ привела осумнаесет лица кои седеле во кафеана во скопско Стајковци. Меѓу приведените се новинарот Миленко Неделковски, претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, разрешениот судија и поранешен претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски и Александар Митевски од „Инфомакс“, пишува „А1.он“.
Кога во кафеаната пристигнале инспекторите имало многу повеќе луѓе, но некои успеале да избегаат во моментот кога полицијата влегла во објектот. Акцијата била на иницијатива на Државниот пазарен инспекторат.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски за „А1он“ изјавил дека и петходно имале неколку дојави дека во кафеаната во Стајковци се прават забави, но во моментот кога инспекторите се појавувале, забавите веќе биле завршени.
Инспекторите во кафеаната синоќа стигнале околу 22 часот, еден час по дозволеното работно време. Кафеаната била полна, спротивно на протоколите за заштита од Ковид-19. Полицијата ги привела затекнатите лица.
„На 26.02.2021 во 22.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека угостителски објект на ул.’6’ во с.Стајковци, сопственост на С.П. и А.П. (52), работи и во него има гости. Полициски службеници во содејство со Државен пазарен инспекторат извршиле контрола при што во објектот биле затекнати 18 лица кои се приведени во Полициска станица Гази Баба за понатамошна постапка, поради непочитување на мерките за заштита на здравјето од ковид-19. По документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, извести МВР.