Публиката ја исплука Тамара поради концертот, „Авалон“ бришеше лоши коментари

Откако „Авалон продукција“ вчера најави дека ќе ѝ организираат концерт на Тамара Тодевска летово во Антички театар во Охрид, првпат продуцентската куќа на Бобан Милошески се соочи со негодување од јавноста. Па така еден куп негативни коментари за Тамара можеа да се прочитаат на официјалната фан-страница на „Авалон“.

Концертот на Тамара е најавен за 27 јули на Антички. И ниту еден настан организиран од „Авалон“ претходно не предизвикал толку многу лоши критики кои повеќе беа упатени за Тамара, но и за организаторите.

Во коментарите пејачката ја нарекуваат „северџанка“, велат дека не заслужува концерт на Антички, пишуваат дека им се одмилила откако изјави дека е подобро што неа ѝ дале пари за „Евросонг“ наместо да се купи амбулантно возило, а ѝ се лутат и што настапи на Парадата на гордоста со песна за која велеше дека е за ќерка ѝ, а потоа ја претстави како песна за поддршка за геј-популацијата….

„Авалон“ избриша дел од негативните коментари и ги замоли фановите на нивната фан-страница да не користат говор на омраза и лични навреди.

„Почитувани, најљубезно ве замолуваме да не пишувате коментари со навредлива содржина и да не употребувате говор на омраза! Во спротивно истите ќе бидат избришани. Доколку имате какви било прашања, нашите администратори ви стојат на располагање во инбокс. Поздрав и убав ден на сите“, напишаа од „Авалон“. 

И овој став на „Авалон“ наиде на критики, па сопственикот на продукцијата, Бобан Милошески, остави коментар дека секој може да пишува што сака и дека ниту една објава под најавата за концертот веќе нема да биде избришана.

 

Scroll to Top