Разрешената директорка Нора Шаќири бара да ѝ се извинат оти комисијата ја отфрли пријавата за мобинг

Нора Шаќири Марковиќ не ја злоупотребила службената должност како в.д директор на Театар Комедија, а пријавата што против неа ја поднесе вработен во театарот, е отфрлена. Нора на Фејсбук ја објави одлуката на Државна комисија за спречување корупција (ДКСК), во која се вели дека не го прекршила законот. Таа побара да ѝ се извинат тие што кажуваа дека вршела мобинг. Нора беше разрешена пред еден месец, а таа тогаш рече дека е сменета незаконски откако ја пријавил колега против кого покренала дисциплинска постапка.

„Пријавата за мое несовесно постапување и злоупотреба на службената должност поднесена до ДКСК е отфрлена од ДКСК. И тогаш и сега е јасно дека не го прекршив изборниот законик кога поведов дисциплинска постапка за колега кој без оправдување не доаѓаше на работа. Незаконски и неосновано сум разрешена. Одлуката е прикачена на сајтот на ДКСК, се надевам оние кои побрзаа да објават дека сум мобингувала, сега ќе објават дека злоупотреба и мобинг немало“, вели Нора.

Таа кажа и дека ќе бара одговори од заменик претседателот на Владата за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси и од министерката за култура. Побара и извинување од сите што ширеле невистини за неа и нејзиното работење во театарот.

„Секако, тоа ќе го направам јавно, не анонимно. Има фактури кои се враќаат тогаш кога ги праќаат на погрешна адреса. Одиме понатаму“, напиша Нора.

За потсетување, Нора беше разрешена минатиот месец, откако вработен во театарот анонимно ја пријавил за мобинг. Иако актерите и останатите вработени во Комедија застанаа во нејзина одбрана, таа беше сменета од функцијата.

„Имам обврска пред себе и пред вас да ви образложам под какви околности сум разрешена. Никој не е роден директор, не сум ни јас, но не е секој спремен да влезе во кал, а од тоа да нема лична корист. Јас бев спремна и Театар Комедија се издигна над сите црни облаци кои го надвасаа. Како директор поведов дисциплинска постапка за вработен кој без никакво образложение, без слободни денови, по завршувањето на колективниот одмор замина на патување и истото го поткрепи со фотографии. По анонимна пријава за мобинг пратена до заменик претседателот на Владата, министерот Љупчо Николовски, во театарот дојде вонреден инспекциски надзор. Државниот инспекторат за труд направи записник, а предметот ќе биде испратен до ДКСК како надлежен орган. Работев согласно законот, се изборив театарот да се врати во полн сјај без долгови, со три нови претстави, со прекрасен репертоар и неколку фестивали. орда сум на се до сега направено, горда сум на тоа дека конечно во Театарот се врати комуникацијата, разбирањето и почитта меѓу вработените“, напиша тогаш Нора и им се заблагодари за поддршката на колегите.

По нејзиното разрешување на местото в.д директор Министерството за култура ја назначи глумицата Магдалена Ризов – Черних. Вработените во театарот, по оваа одлука, побараа на местото на Нора да дојде драматургот Дарко Спасов и најавија бунт ако не се исполнат нивните барања.

Нора Шаќири разрешена од Tеатaр „Комедија“, на нејзино место е назначена глумицата Магдалена Ризова-Черних

Scroll to Top