Македонскиот визуелен и мултимедијален уметник, Страхил Петровски, на 30 декември 2025 година ќе ја отвори својата мултимедијална изложба – просторна инсталација со наслов „Реминисценции“ во Македонскиот културен центар во Њујорк, во Галерија МЦ (Gallery MC).
Изложбата ќе биде отворена од 18 до 21 часот, а публиката ќе може да ја посети до 9 јануари 2026 година. Станува збор за најновиот циклус на Петровски, кој опфаќа големоформатни индустриски хартии со димензии до 530 x 83 сантиметри, цртежи во комбинирана техника, како и просторни и мултимедијални елементи кои, како што е наведено во кураторскиот текст, добиваат ново и подлабоко значење во секој изложбен простор, пренесе „Макфакс“.

Кустос на изложбата е историчарката на уметност Сандра Деспотовиќ, која во текстот посочува дека „Реминисценции“ ја означува новата креативна ера во творештвото на Петровски, обележана со апстрактни форми, фрагментација и потрага по значење во современиот свет. Во делата доминираат три бои – белата, црвената и црната – кои, како што се наведува, асоцираат на светлината, земјата и празнината, а визуелниот израз е поврзан со индустриски и прогресивен рок како културна и естетска референца.
Изложбата во Њујорк е дел од серијата самостојни изложби „Реминисценции“, кои Петровски ги реализира во текот на 2025 година во повеќе европски и светски културни центри, меѓу кои Париз, Скопје, Битола и други градови.
Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово. Дипломирал и магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговата уметничка практика опфаќа сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност, а делата му се застапени во јавни и приватни колекции во земјата и во странство. Петровски е член на ДЛУМ од 1997 година и на ДЛУБ од 2025 година, а од 2024 година работи како советник конзерватор-реставратор во НУ Музеј на македонската борба за самостојност и како вонреден професор по фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет – Скопје.






