Роденденската колекција на Лидија Георгиева го отвори Моден викенд Скопје

Со роденденската колекција „Милион милји време“ на дизајнерка Лидија Георгиева вчеравечер почна  осумнаесеттиот Моден викенд Скопје. Креациите се изработени од луксузни материјали, тантели, плетени дизајни и отпечатоци. Силуетите се раскошни, боемски и елегантни, а во некои од нив првпат се презентирани и дизајни од ексклузивната соработка со францускиот бренд „Фејмс“, колекција рачно плетени модели.

„Приказната се одвива во атмосфера на патување, целиот креативен процес и изработка се резултат на едногодишно континуирано патување низ Европа. Дел од моделите дури се работени во автомобил во движење, некаде низ континентот. Пробивањето на личните и општествените ѕидови и бариери, уживањето во неограниченоста, потрага по слободата, слобода на изразот и силното чувство на слобода кога патуваме се тема на колекцијата“, вели Георгиева.

Моден викенд Скопје продолжува вечерва во „Скопје Мериот хотел“ со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainabestorymk. Вечерва ќе бидат претставени најновите креации на дизајнерките Ирина Тошева, Теодора Митровска, Кренаре Ругова и Силвија Михајловска.

Scroll to Top