Актерот Сашко Коцев, кој го глуми таткото на Зоки Поки во истоимената детска серија, објави видео и покажа како звучи со натсинхронизација на шведски јазик. Серијата која е работена според романот на писателката Оливера Николова, се прикажуваше во 2020 година, а потоа ја откупија неколку скандинавски и балкански телевизии. И покрај успехот на „Зоки Поки“, се снимија само десет епизоди од серијата.
„Се надевам на нова сезона“, вели Сашко, кој го објави видеото на Фејсбук. Поддршка доби од пријателите и следбениците, кои му одговорија дека ова е еден од најубавите детски проекти снимени кај нас.
„Зоки Поки” е првата македонска серија и воопшто програма од овие простори што некогаш се емитувала на шведска телевизија. Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки, а починатата актерка Сабина Ајрула-Тозија ја имаше улогата на неговата баба.