Се разведува Елена Велевска

По десет години брак, фолк-пејачката Елена Велевска се разведува од сопругот Маријан, тврдат нивни блиски за „Репортер“. Изминативе неколку дена во Охрид, каде што живее Велевска, на големо се зборува дека двојката веќе не е заедно. А, неодамна и во емисија на Канал 5, фолк -пејачката рече дека била на летување во Грција сама со своите три деца, Калија, Софија и Марко, кои ги има од бракот со Маријан.

По оваа нејзина изјава, уште повеќе почна да се зборува за разводот на Велевска. Таа пред неколку месеци се пофали дека со Маријан и со нивните три деца имале романтично патување низ Европа за десетгодишнината од бракот. Велевска честопати јавно кажува дека сопругот ја поддржува во сѐ што прави, особено кога е во прашање кариерата и кога се соблекува за фотосесии.

„Ако се разголувам заради професијата, не го правам тоа приватно. Фотосесиите се нормална работа во музиката. Така е секаде во светот, па и во регионот“, рече Велевска во интервју за „Репортер“ пред неполна година.

Пејачката во истото интервју додаде дека сопругот ѝ е најголема поддршка. „Да не ми веруваше, досега ќе се разведевме“, рече таа.

Редакцијата на „Репортер“ ја побара за изјава, но таа досега не ни одговори.

А. Јовановска

 

Scroll to Top