Се спремаме за свадба, во Мостар ќе се собереме сите: Душица Андоновска и Игор Карачиќ

Хрватскиот ракометен репрезентативец и поранешен играч на „Вардар“, Игор Карачиќ, во јуни ќе прави свадба со архитектката Душица Андоновска. Не е тајна дека лани, кога почна пандемијата, Игор ја побара за сопруга на романтичен начин. Свадбата е закажана и ќе биде летово во Мостар,  открива Душица за „Репортер“.

Таа речиси никогаш не зборувала за приватниот живот и љубовта со ракометарот Карачиќ, кој сега игра за „Кјељце“, Полска. Првпат за „Репортер“ ја открива нивата љубовна приказна.

На прашањето како одат подготовките за свадбата и дали ќе има една во Мостар, а друга во Струмица, вели: „Свадбата се подготвува и се надеваме дека нема да ни се променат плановите поради пандемијата. Ќе биде во јуни во Мостар и ќе правиме една свадба за да може нашите блиски да бидат во исто време присутни. Организацијата е голема, па некако избравме да организираме сè на едно место. Игор е од Мостар, ќе има повеќе гости, па затоа таму беше и природен избор“, открива Душица за „Репортер“. Таа вели дека венчаницата веќе ја избрала, па останува уште младоженецот да си избере костум, а сè друго е во финална фаза. Игор ја побара за сопруга точно пред една година во Скопје кога почна пандемијата.

„Мислам дека секој пар знае во кој правец му се движи врската, но дека ќе биде токму во овој период, воопшто не очекував. Беше почеток на пандемијата, не ни помислив дека во тој хаос би барал прстен, а подоцна дознав дека прстенот бил нарачан три месеци претходно, така што пандемијата не му ги наруши плановите“, открива Душица.

Нивната љубовна приказна почна во Скопје во времето кога Карачиќ играше за „Вардар“. Ама ретко кој знае дека тие двајца претходно биле другари и секојдевно се дружеле. Подоцна се вљубиле и еве ги денес заедно во Полска.

 

На прашањето што ја привлекло кај него, таа ни открива: „Неоспорно е дека ме привлече и со изгледот, но бидејќи доста долго бевме само другари, прво ме привлече карактерот. Мислам дека човек го сакаш за цел живот ако го запознаеш онаков каков што е навистина и ако се вљубиш во неговата личност. И тоа се случи кај нас. Обично луѓе се запознаваат бидејќи физички се привлекуваат, но кај нас беше обратно“, искрена е Душица.

Во тоа време Игор ѝ беше миленик на јавноста. И денес кога ќе дојде во Скопје, медиумите објавуваат дека е тука. Не е тајна дека тој го привлекува вниманието на жените, ама архитектката Душица вели дека ни тогаш ни сега не ѝ пречела неговата популарност.

„Со оглед на тоа колку ние Македонците сме ракометни фанови, бев навикната луѓе постојано да доаѓаат за да се сликаат, жени да трчаат од сите страни, на улица да бараат автограми, дресови и ни тогаш ни сега не ми пречела таа негова популарност. Од денешна перспектива, кога ќе се навратам назад, мислам дека тоа што се познававме многу добро пред да бидеме во врска изгради еден искрен и квалитетен однос каков што имаме денес и од самиот почеток ни ја направи врската сериозна“, раскажува Андоновска.

Пред да ја побара за сопруга и пред да замине за Полска, Игор потпиша за „Кјељце“ и требаше да си замине од „Вардар“ и од Скопје.

„Па, тој сè уште играше во ‘Вардар’ кога потпиша за ‘Кјељце’, така што имав време да се навикнам на идејата. Ми беше тешко на почетокот, но еднаш месечно доаѓав во Полска, а по само неколку месеци почна пандемијата, па и двајцата бевме заедно во Скопје за време на карантинот“, раскажува Душица како ја одржувале љубовната врска.

За неа и за Игор, вели дека се мали деца во душата и слични еден на друг. На прашањето како ги надминуваат кавгите, вели: „Објективни сме кога грешиме и немаме страв од извини, така што нема држење лутина, попушта тој што ќе згреши“.

Таа ни откри дека за цело ова време таа му е поддршка на Игор и кога губи и кога победува.

„Нервозата е секогаш присутна, независно дали гледам во сала или на ТВ, дали е натпревар од Лигата на шампионите или, пак, од првенство. Победите и поразите се составен дел од спортот, но со тек на време научив да се радувам на победите, а да не ги коментирам поразите“, искрена е некогашната манекенка.

Душица ни раскажа за животот во Полска. Вели во време на пандемија е сличен како и секаде на друго место. Полска моментно се наоѓа во целосно затворање, па работат само супермаркетите и аптеките, сè друго е затворено. „Но, во годината пред пандемијата имав можност да ја видам Полска во друго светло. Животот во Полска е многу убав. Трошоците се малку поголеми отколку кај нас, ама Полјаците повеќе заработуваат. Народот е поладен, не се комуникативни, но се културни. Тука секој си ја гледа својата работа. Во големите градови сите зборуваат англиски, ама ретко можете да сретнете личност што зборува англиски во помалите. И ова ми беше многу чудно“, искрена е архитектката.

А за тоа како таа и Игор меѓу себе зборуваат, низ насмевка вели: „На почетокот јас македонски, тој македонски и хрватски, но сакајќи да го усовршам хрватскиот, еден добар период зборувавме само хрватски. Сега кога како, и македонски и хрватски“.

По преселбата во Полска, работните ангажмани ѝ паузираат. Таа од својата 23. година работи како архитект, па вели оваа пауза супер ѝ дошла за да си ја рестартира креативноста и да се посвети на себе. За себе вели дека е едноставна девојка, по професија архитект, љубител на уметноста, оптимист. Таа има сестра близначка, Марија, и еден и пол година поголема сестра – Олга. Сака да спортува, да патува и да готви.

„Обожавам да готвам. Секој ден готвам и уживам да наоѓам нови рецепти. Од македонската кујна омилени рецепти кај нас дома се тавче-гравче, полнети пиперки и ќофтиња со кромид и не постои гостин што дошол на ручек или вечера, а не пробал нешто од ова“, ни открива во разговорот свршеницата на Карачиќ.

За љубовта кон арихтектурата, ни раскажа дека е нешто што го сака од дете. „Кога ќе се вратам назад на своите најрани сеќавања, со сестра ми Марија постојано сакавме да шетаме и преку прозорците да гледаме како им се уредени становите на луѓето и да ги коментираме, едноставно тоа нè интересираше и таа навика сè уште ја имаме кога пешачиме низ град, така што кога дојде време за факултет, изборот не беше тежок“.

Ни раскажа и дека да се има сестра близначка е исто како да се има сестра, само што оваа сестра е физичка копија на тебе.

„Кога ја боли стомакот, и тебе те боли независно дали сте на ист континент или не, кога не знае во училиште, ти одговараш за неа, кога ти не знаеш, таа за тебе и тоа ти го прави детството забавно и поинакво. Како што растеш, на моменти ти пречи што до позрели години луѓето ве третираат како една личност и немате име, вие сте близначките“, низ насмевка раскажува Андоновска.

Вели дека поврзаноста кај еднојајчените близнаци е необјаснива за луѓето што не се близнаци. „Па, еве, ми се случува да ѝ се јавам од Полска и да ѝ кажам – знам дека те боли стомакот, напиј се апче, ме боли и мене од тебе. Ние сме три сестри и сме многу блиски и далечината ни паѓа тешко и нам и на родителите, што е нормално, но во денешно време со целата технологија што постои сепак е полесно. И Марија е во врска со ракометар, па иако сме разделени, сепак животот на секоја од нас има некој сличен тек“.

Интересна е поврзаноста – и Игор има уште двајца браќа, сите спортисти, а и Душица има две сестри. „Не сме се погодиле сите на едно место, но тоа ќе се случи ова лето“, вели Душица.

Таа едно време се занимаваше и со манекенство, За тие времиња вели: „Во Македонија тогаш, ама и сега не е тешко да бидеш манекенка. Кај нас нема многу строги критериуми, но, од друга страна, не можеш да бидеш успешна доколку не работиш надвор од државата. Не затоа што немаме убави девојки, имаме преубави девојки и квалитетни дизајнери, но, за жал, модните настани кај нас не се толку чести како што треба да бидат“, вели таа.

Александра Георгиев

 

Scroll to Top