Годинава што изминува е во знакот на свадбите и на разводите на нашите јавни личности. Се венчаа музичари, политичари, спортисти и водители, а многу јавни личности се разведоа по долги години во брак.
Свадби, свршувачки и нови љубови
Поранешната манекенка и фармацевт Дунавка Трифуновска во интервју за „Репортер“ првпат јавно проговори за врската со поп-пејачот Владо Јаневски и го нарече совршен љубовник. И актерката Весна Бејби во изјава за „Репортер“ откри дека има нова љубов и дека е среќна. „Не сакам да раскажувам за да не ме урочат“, ни рече таа. Откако „Репортер“ објави дека кошаркарката Едина Муса е во љубов со моделот и фитнес-тренер Серџо Спасов, двојката престана да ја крие врската.
Хармоникашот Горан Алачки годинава призна дека подолго време е во врска со новинарката Марина Дојчиновска. На почетокот на годината се сврши Анастасија, ќерката на фолк-пејачот Наум Петрески. Нејзиниот свршеник, Владимир Поповски, пејачот на групата „Биоритам“, за „Репортер“ откри дека ќе се венчаат догодина, а дека свадбата ќе биде журка со најблиските.
Сефер Цановски се разведе и пак се ожени
Директорот на ФОН, Сефер Цановски, во Истанбул се венча со Германката Сезан. На свадбата со сите адети имаше и гости од Македонија. Ова е втора свадба на Сефер, кој една година претходно се разведе од сопругата Лејла, ќерката на Велија Рамковски. Со неа беше во брак речиси 10 години и има две деца.
Секси венчаница за сопругата на Мартин Вучиќ
Во секси венчаница со деколте и тантела, Сања се ожени со некогашниот пејач Мартин Вучиќ. Речиси целата естрада дојде на свадбата на синот на Драган Вучичиќ. Пееја Бени Шаќири, Бубо Каров, Роберт Билбилов, а Здравко Чолиќ со порака на видеобим им честиташе на младенците.
Со огномет се женеше Јоце Панов
Пејачот Јоце Панов се ожени со долгогодишната девојка Марина Начевска. На свадбата на Панов пееја многу негови колеги, а запеа и самиот Јоце. Свадбата заврши со голем огномет. Јоце и Марина се венчаа по долга врска, а таа само неколку дена пред свадбата глумеше невеста во неговиот последен спот.
Невестата на градоначалникот Стефан Богоев во секси фустан
Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, пролетта склучи граѓански брак со долгогодишната девојка Ивана Анѓеловска. Неколку месеци подоцна тие направија голема веселба со многу гости во познат скопски ресторан. За свадбата сопругата на градоначалникот облече венчаница од проѕирен тул, а Богоев носеше елегантен костум.
Нина Јанева невеста во црно
Поп-пејачката Нина Јанева на 19 октомври се омажи со нејзиното момче Александар. Невестата наместо бела венчаница носеше црн комбинизон, а на венчавката имаше само 13 луѓе. „Црното е мојата омилена боја, бојата на моќта, бојата која секому најдобро му стои и наспроти сите верувања дека е ‘баксуз’ да носиш црно на својата венчавка се одлучив за овој комбинезон од црно жерсе и црн нежен жоржет“, раскажа Нина за „Репортер“.
Годинава се омажи и Цеце од Телма, Александар Николовски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ја ожени Александра, ракометарот Филип Талевски по неколкумесечна врска се ожени со Ена, а се омажи и пејачката Симона Поповска. Ана Шутиновска, водителката на „Антена 5“, се омажи за стоматологот Гордан Лазаревски. Свадби направија и пејачот Денис Мурат и манекенката Мартина Михајловска.
Разводи и разделби
2018 беше и година на разводи и разделби. Поранешната пејачка Ноне Неделковска раскина со долгогодишното момче, а по 13 години врска пејачката Ирена Спасовска се раздели од новинарот и водител Орце Гелевски.
По 6 години брак се разведоа Елена и Висар Вишка
Македонскиот глумец Висар Вишка се разведе од својата сопруга, водителката Елена Митева. Двојката една година пред разводот престана да живее заедно. Елена и Висар се зедоа во 2012 година и го имаат четиригодишниот син Дион.
Криза во бракот на Елена Велевска
По десет години брак, фолк-пејачката Елена Велевска потврди дека се разведува од сопругот Марјан. Таа призна дека била жртва на семејно насилство и дека не можела да ги издржи малтретирањата на сопругот заради што решила да поднесе барање за развод. Два месеца подоцна двојката се смири. „Решивме да си дадеме уште една шанса заради децата“, рече тогаш Велевска за „Репортер“. Елена и Марјан имаат три деца, ќерките Калија и Софија и синот Марко.
Манекенката Вера Мештеровиќ и фудбалерот Игор Кралевски се разведоа по 10 години брак
По десет години брак се разведоа поранешната мис на Македонија Вера Мештеровиќ и фудбалерот Игор Кралевски. Вера се отселила од нивниот заеднички дом, а со себе ги зела и децата, синот Андреј и ќерката Јована.
Коки и Росана му ставија крај на бракот
Македонскиот музичар Коки Јанков од некогашното дуо Дуле и Коки се разведе од Росана Јанков со која беше 10 години во брак. Росана и Коки ја имаат ќерката Лара. Изминативе години важеа за среќна и стабилна двојка, а Росана ги водеше сите работи околу неговата кариера.
Подготови: редакција „Репортер“