Секоја насмевка на болните од рак ми влева надеж дека барем малку сум помогнала: Сашка Кузманова од Кавадарци изработува перики за онколошките пациенти

Сашка Кузманова од Кавадарци е догогодишен хуманитарец и основач на првата компанија во Македонија за рачно изработени перики од природна коса „Инфинити Лајф КС” . Таа периките ги изработува за сите оние кои ја водат битката со карцином и за време на хемотерапиите ја губат косата. Во интервју за „Репортер” ни раскажа со какви предизвици се соочува откако ја започна оваа мисија.

Сашка ни откри дека секојдневното соочување со разни животни приказни, меѓу нив и оние кои ја водат најсуровата битка со карциномот, ја инспирирале да најде некакво решение со кое би можела барем малку да им помогне. Спровела истражување на интернет, остварила контакт со доктори и онколошки пациенти, по што заклучила дека периките од природна коса се многу скапи, а не секој може да си ги дозволи.

„Бидејќи кај нас не постои друга фирма која се занимава со ваква изработка, решив да им обезбедам перики на сите онколошки пациенти во Македонија и да им покажам дека не се сами. Со надеж дека тоа тоа ќе им го олесни патот“, раскажува Кузманова.

На прашањето колку време е потребно за изработка на една перика, таа ни одговори дека 95% од периките се изработуваат рачно и процесот трае околку 2-3 недели, во зависност од нивната должина. Никогаш не се знае колкава количина на коса ќе биде потребна, бидејќи тоа зависи од густината и должината што ја бара пациентот. Таа контактира со сите онколошки пациенти и со нив разговара околу нивните желби, а потоа лично им ги доставува.

„Чувството е неописливо кога знаете дека некој со нетрпение ве чека и кога ќе видите нечии очи како блескаат поради вас “, открива таа.

Кузманова е среќна и зардаи одзивот на јавноста и вели дека сè повеќе луѓе ја контактираат со цел да ја донираат косата, особено децата.

„Секој што има природна и небојадисана коса, а сака да донира, слободно нека ме контактира на Фејсбук. Колку повеќе коса, толку повеќе насмевки. Не секој може да носи перика од синтетичко влакно, а периките од природно влакно изработени во странство се многу скапи, па затоа мојата цел беше секој да може да си приушти перика од природно влакно. Затоа цените се направени за сечиј џеб“, вели таа заблагодарувајќи им се на сите кои помогаат нејзината мисија да добие уште поголема тежина.

Поддршка вели дека има од секого, почнувајќи од градоначалникот на Каварадрци Митко Јанчев и советот на градот, до претседателот Стево Пендаовски и неговата сопруга Елизабета Горѓиевска, директорката на детска клиника Аспазија Софијанова, претседателката на здружението „Борка“ Биба Додева, министерството за здравство. Но и амбасадори на разни држави, директори на огромни коорпорации и претседатели на хуманитарни здруженија, и најважно од сè од онколошките пациенти. Таа ја искористи приликата да ги повика сите компании во Македонија слободно да се приклучат во оваа хуманитарна приказна, да ја исконтактираат и ја дадат својата донација во вид на прокловителсто. Затоа што, како што самата вели, нашето малку за некого значи многу.

Кузманова ни откри дека во нејзината компанија моментално неколку девојки се на обука, а наскоро ќе станат и официјално дел од приказната која ги исполнува соништата на најголемите борци. Таа напомени дека соработува со повеќе фризерски салони низ земјата кај кои шишањето е бесплатно.

За крај, ја прашавме какви промени ѝ донеле насмевките на болните и задоволството на оние кои донирале. Таа ни откри дека низ текот на целиот процес се води кон добропознатото мото: „Здравиот има милион желби, а болниот една – да оздрави“, кое ѝ дава мотивација да создава уште повеќе и да внесува среќа во нивните животи.

„ Ми укажа дека можам да ги променам животите на оние коишто се најранливи. Секоја реакција, секоја насмевка, секоја поддршка за мене е многу важна. Тоа ми дава сила и мотив за да продолжам понатака. Можеби јас не можам да помогнам во лекарскиот дел, но, јас постојам и ќе постојам за сите онколошки пациенти во делот со медицинските помагала во вид на перики. Секогаш ќе ја имаат мојата поддршка и сакам да знаат дека не се сами.Секоја поддршка е важна, но, взаемната поддршка е мотив дека заедно можеме повеќе“, вели таа.

Марија Прличкова

 

Scroll to Top