Секси мафини по рецепт на Даниел Данн

Поп-пејачот Даниел Данн е голем гурман, но се обидува да се храни здраво и да вежба колку што може повеќе. Тој има свој проект за здрав живот Fit Up, преку кој се залага своите животни навики да ги пренесе и на околината.

„Јас сум зависник од слатки и, искрено, тешко ми е да одолеам на чоколадна торта или на добро подготвен чизкејк. Од друга страна, многу сакам да готвам, па експериментирајќи за да најдам златна средина помеѓу шеќерите и здравата храна, мислам дека дојдов до неколку добитни комбинации кои ми помагаат да останам на зелената страна, а да не си го скратам задоволството“, рече Даниел за „Репортер“.

Омилен десерт му се секси мафините. Вели дека името на овие колачи го оправдува задоволството. За нивна подготовка се потребни 100 гр мелени + сечкани ореви, 100 гр мелени + сечкани лешници, 2 банани (околу 400 гр), 1/2 цеден лимон, 5 лажици овесно брашно (или овесни снегулки), 2 лажици чиа семе, 2 лажици путер од кикиритки, 1 лажица путер од кокос, 1 лажица какао и 5 лажици маџун. За декорација ви требаат парчиња ситно овошје (малини, капини, аронија, јагоди, калинка).

Мафините се подготвуваат без матење, месење и печење. Треба само да ги споите состојките и убаво да ги измешате за да добиете хомогена смеса. Бананите се пасираат, а јаткастите плодови половина се мелат, а половината се сечкаат. Подготвената смеса треба да биде густа, па можете да додадете уште неколку лажици овес ако ви е потребно. Ставете ја во сад за мафини во кој претходно сте ставиле книжни хартивчиња. Мафините треба да се високи околу 2 сантиметра. Готовите мафини оставете ги околу 2 часа во фрижидер. Послужете ги украсени со неколку парчиња ситно овошје.

Scroll to Top