Селекторката Марина Костова го откачи „Киненова“

Селекторот на главната програма на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“,  Марина Костова, јавно се повлече од оваа функција. Таа објави дека веќе не сака да биде заинтересирана страна во каква било врска со овој фестивал.

„Драги пријатели, решив од денеска веќе да не сум дел од тимот на ‘Киненова’ во никаков капацитет, ни како програмски директор, ни како селектор на главна програма, ни како заинтересирана страна за каква било врска со фестивалот.

Одлуката ја донесов поради непомирливи разлики со директорот Небојша Јовановиќ.

Фала ви за поддршката, бевте прекрасна публика. Се гледаме во подобра пригода“, напишала Костова на својот фејсбук-профил.

Редакцијата на „Репортер“ неколкупати се обиде да го добие директорот Небојша Јовановиќ, за да ни даде изјава за оваа ситуација, но неговиот телефон беше недостапен.

Меѓународниот филмски фестивал „КинеНова Филм Фест Скопје“ е осмислен и создаден за да даде фокус на творештвото на филмските автори од целиот свет, кои се на самиот почеток од своите филмски кариери.

Неговата цел е да открие нови авторски имиња кои надоаѓаат во светот на филмот и да им даде јасна поддршка и поттик, но и простор каде тие ќе ги претставуваат и афирмираат нивните филмски дебитантски дела. Фестивалот се одржуваше од 6 до 11 октомври, а гости во Скопје беа српските актери Драган Бијелогрлиќ и Жарко Лаушевиќ.

Scroll to Top