Си носам постојано невидлива круна и никој не може да ми ја земе: Дороти Пачкова од самохрана мајка до основач на здружението „Една може“

Дороти Пачкова, академска сликарка и активен борец за родова еднаквост и права на жените, за себе вели дека е жена во прогрес. Таа основач на невладината организација „Една може!“ и управителка на социјална компанија „Една прави“, како и самостојна истражувачка. Во интервју за „Репортер“, Дороти ни откри дека здружението, кое брои над 5.000 членови, започнало благодарение на акумулираната енормна енергија од верба во правичен свет за сите сами жени со деца. Како отпор на огромната неправда која се прави на оваа целна група, како визија за живеење во благосостојба.

„Поддршка имаме од првиот ден и најискрено сум преблагодарна за сето ова. Вклучени биле и се многу поединки, поединци, организации, донатори, тела за родова еднаквост, различни типови на заедници и мрежи. Конкретно се залагаме за унапредување на позицијата на самохраноста и еднородителството во регионов. Тоа подразбира системски измени, како и заложби за долгорочни промени преку застапување и лобирање, преку истражувања, медијации, прирачници итн“, вели таа.

Дороти додава дека за нив е битен разбојот на социјалните претрпијатија, каде ги мотивираат и обучуваат девојките и жените да си ги земаат животите во сопствени раце преку постигнување  економска слобода, дури тие работат да се среди системот да имаат можности, ги обучуваат и мотивираат да си самосоздаваат можности. Досега имаат отворено десетина децентрализирани подружници во речиси сите плански региони, па така самохраните мајки од другите градови може да се водат по примерот на централната „Една може“.

„Одбравме да бираме од чии заедници ќе сме дел и недопаѓањето на содржината на мрежите од кои бевме дел порано, нè мотивираше да си формираме сопствена регионална мрежа за родова еднаквост, еднакви права и можности, борба против родово базираното насилство и женски права. Индивидуално на колку жени сме излегле во пресрет не знам, не броиме, едноставно сме тука кога можеме и каде што можеме, кога не сме во можност едноставно е така како што е, научивме да не се самообвинуваме како што беше случај во минатото, зошто овој тип на поддршка е самоиницијативна на мене или на некоја активистка на здружението, а тоа е реално работа на државата, не сме ние хуманитарно туку хуманистичко социјално експертско здружение“, вели таа.

Неодамна здружението „Една може“ одржа протест, поттикнат од самата целна група. Дороти вели дека жените сами се соединиле откако една членка пријавила и споделила злоупотреба од страна на поранешниот партнер и институциите кон неа и нејзините деца. Таа рекла и дека не си ги видела сопствените деца речиси пола година. По што се мобилизирале и поднеле иницијатива за протест.

„Има такви ситуации низ сето ова работење со самохраноста, за кои не може човек да не се соживува, да не сочувствува, да не биде човек едноставно. Е ова беше таков момент кој ги обедини и изнесе на улица жените. ‘Една може’ и јас само им овозможивме тоа да биде соодветно организирано и реализирано. Значи нашите жени и можат и сакаат да бидат солидарни, тука една за друга и ветар во грбот една на друга. И тоа преубаво и мој огромен мотив да истраам и да не се откажувам додека не ја добиеме правдината во целост. А реално тоа значи држава со соодветен систем и за целната група. Понекогаш тоа овде звучи како научна фантастика сè уште за жал, но не сме решени да одиме до остварувањето“, искрена е Дороти.

Таа е мајка на две деца, Маркијан и Ноа, кој го доби лани во бракот со нејзиниот сопруг Александар. Вели дека многу добро се согласуваат, обожаваат да стануваат рано и да се гушкаат и кикотат. Како што вели таа, Ноа е заљубен во Маркијан, кој, пак, влегол во улога на постар брат уште во првиот миг кога му соопштиле дека Дороти е бремена. Па веднаш седнал и ги насликал сите заедно, а сликата си ја ставил на позадина на лаптоп.

„Сликата со која ми ја хранат душата, кога тие двајца си се во меѓусебна интеракција на закачкање и играње, ми прави да си визуелизирам светкава ѕвездена прашина над севкупниот животен пејзаж. Од тука можам сè и ништо не морам“, вели таа.

Дороти додава дека Маркијан сака да се чувствува вклучен во заедничкиот живот, на детски начин, кога тој сака, во што сака и во количество во кое сака во периодот на вклучување.

Но Дороти се сети и на тешките мигови низ кои поминала низ животот, почнувајќи од станувањето во 4-5 наутро за да работи, соочувајќи се со своите слаби страни, одлуката сама да роди дете, дала отказ за активистички да крене цело здружение на нозе притоа откажувајќи се од сè материјално, до тоа со точак да разнесува донации на мајки и бебиња кои немале како да стасаат до организацијата. Се присети и на деновите кога никој никогаш не ѝ помогнал околу Маркијан, додека учела држејќи го на гради, буквално препуштена сама на себе. Но сепак е среќна, бидејќи успеала во намерата да има свој дом и да се реализира во улогата на успешна жена и мајка.

„За сè сама се имам изборено, почнувајќи од промена баш на тоа уверување – дека заслужувам да ги имам сите добра на светов, и оттука тргна добивањето на сè останато. За ова и за сето вложување си носам постојано невидлива круна, што е единствено нешто што овој свет не може никогаш да ми го земе. Благодарна сум бескрајно за оваа шанса наречена животиште“, вели Дороти.

Таа вели дека да се биде мајка на две деца и трето на пат, а покрај тоа и лидерка, е огромен предизвик.

„Ако самохрана мајка или мајка на три деца не знае да изменаџира ресурси, време, активности, цели, постигнувања, состојби, емотивен и духовен и интелектуален живот на сите инволвирани и тоа постојано, тогаш не знам кој би знаел“, вели Дороти.

Таа ги советува сите жени и девојки да одат во насок на свртување кон самите себеси. Ги охрабрува да ја бараат правдата првенствено во себеси, ќе откриете длабоки и лични чувства, кои се најголема животна школа.

„Кога ќе се свртите во внатрешните длабочини, ќе сфатите дека не е до луѓето ама баш ништо, сè е до вашата перцепција, а и никој од другите не ви е пратен без причина, пратен е да научите нешто. Никој не ви е виновен, вие сте пилот на овој животен авион, вие бирате во која насока летате, кој лета со вас, каква е атмосферата при летовите, колку пати ќе слетате, колку пати ќе се срушите, обновите и повторно и со каква содржина ќе летате. Сè е до вас“, искрена е Дороти.

Марија Прличкова

 

Scroll to Top