„Си заминав без бебето од болница, а лузните ме потсетуваат на миговите полни неизвесност“, дизајнерката Маја Кикириткова предвреме ги роди и двете деца

Македонската дизајнерка Маја Кикириткова неодамна го привлече вниманието на јавноста кога ги покажа лузните на телото што ги има од двата царски реза. Таа предвреме ги роди синот Лазар и ќерката Ева, па вели дека не знае што е пострашно: дали тоа што се породила предвреме или што првиот пат дома си заминала без бебето, кое останало во инкубатор во болница.

Во разговорот за „Репортер“, Маја ни раскажа за сите предизвици со кои се соочила во текот на бременоста. Иако и првиот и вториот пат имала нормална бременост, двете деца ги родила предвреме, во 34. недела, со царски рез. Тие сега имаат три и една година. Ни призна дека вториот пат стравот бил многу поголем бидејќи еднаш веќе ги поминала неубавите моменти на предвременото породување.

„Имав многу измешани емоции во тој момент. Искрено, не знаев дали да се радувам или да плачам. Од една страна, радост, затоа што ќе донесам бебе на овој свет, а од друга, тага, бидејќи тоа бебе е недоносено. Немав тешки бремености, баш напротив, како по книга. Цело време бев активна, одев на јога за трудници, патував, пешачев, работев и уживав. Но, и со двете деца ми се одлепи плацентата и истиот ден мораа итно да ме породат бидејќи им беше загрозен животот на бебињата“, вели таа.

Со многу емоции Маја зборува за раѓањето на децата. Ни раскажа дека првиот пат сама отишла да се породи. Нејзиниот сопруг бил на новогодишна прослава кога таа сфатила дека нешто не е во ред, а не сакала да го исплаши пред време. Му се јавила на својот лекар, а тој ѝ советувал веднаш да оди во болница.

„Се спремав да одам на јога, па влегов во тоалет и видов дека сум прокрвавела. Веднаш му се јавив на д-р Тофовски, на кој вечно ќе му бидам благодарна и кој, за среќа, беше дежурен таа вечер. Ми рече да не се вознемирувам, но да дојдам. Во тие моменти многу ми значеше неговата смиреност. Иако знаев дека не е во ред ова што ми се случува, бев смирена поради неговиот однос кон мене. Кога ме прегледа и ми кажа дека ќе мора да останам во болница и да се породам, дури тогаш го побарав сопругот. Долета со брзина на светлината. Искрено, тој беше повознемирен и поисплашен од мене“, раскажува Кикириткова.

Ни кажа и дека сакала да се породи природно, но дека лекарите морале итно да интервенираат.

„Со Лазар во прашање беа минути. И со ќерка ми се случи истото, повторно итен царски рез. Додека ја носев Ева, цело време зборував дека со душа ја чекам 36. недела, но никогаш не ја дочекав. Име немавме смислено, алишта немав испрано, само да не направам некој малер, но пак се случи тоа што се случи. Пак предвреме родено бебе, пак бебе во инкубатор, пак одење дома со празни раце, а бебето во болница. Но, иако се родени во иста гестациска недела, со исти килограми, Ева беше појака од Лазар и помина само на опсервација, не беше во инкубатор, па 8 дена заедно лежевме во болница и заедно си отидовме дома“, вели дизајнерката.

Иако мајчинството ѝ донело многу нови предизвици, на почетокот ѝ било најтешко што синот бил во болница, а таа дома.

„Упорно се борев да одржам лактација за кога ќе го земеме Лазар од болница, да прима мајчино млеко. Се одмолзував на два часа ден и ноќ, телефонот постојано ми беше навиен да ме потсети. Најубавите моменти дојдоа кога тој дојде дома, се гушкавме и тој бебешки мирис од двете деца вечно ќе го паметам“, додава таа.

Сега кога децата ѝ се потпораснати, таа ѝ посветува повеќе време на својата работа, иако вели дека во ниеден момент не направила пауза од креирањето и создавањето нови колекции.

„Работев и со Лазар кога беше бебе и со Ева исто така. Со Лазар го вратив мојот бренд и го ребрендирав во ‘Елеазар’, кој е бренд за жени, а со Ева се роди ‘Совршен пар’, брендот за деца. Сега успешно ги водам двата бизниса“, вели Маја и ни откри дека оваа сезона моден хит ќе бидат лежерните, преголеми парчиња облека, но и дека секоја дама во својот плакар треба да има барем еден мал црн фустан. „Ова парче никогаш не излегува од мода“.

Андријана Јовановска 

 

 

Scroll to Top