Симон Трпчески ја доби наградата „Георги Божиков“ за изведба на македонско дело

Македонскиот пијанист маестро Симон Трпчески ја доби наградата „Георги Божиков“, за изведба на едно дело од македонски композитори во 2020 година. Наградата ќе ја прими на 14 октомври, на свеченото затворање на 44. Денови на македонската музика.

Од македонскиот Сојуз на композитори СОКОМ, соопштија дека оваа награда се доделува на музички уметници и ансамбли за континуирано успешно изведување и промовирање на македонското музичко творештво.

Трпчески е актуелен со проектот инспириран од фолклорната музика „Македонисимо“, со кој настапува низ светот веќе неколку години. На 7 октомври ја отвори и новата концертна сезона на Филхармонијата.

За потсетување, на свеченото затворање на 44. Денови на македонска музика, ќе се одржи гала-концерт со солисти и оркестарот на НОБ под диригентство на Иван Еминовиќ.

Scroll to Top