Ребека Јанковска – Ристески со емотивна порака му го честиташе 12. роденден на својот најстар син Маркијан и го нарече суперхерој. Таа на Маркијан, кој боледува од ретката болест туберозна склероза, му се заблагодари за сета љубов што ѝ ја дава изминативе години.
„Маркијан, љубов моја, да знаев дека ти ќе бидеш причината за да научам како и невозможното е возможно и дека целите што ги поставувам се градење поубаво утре за многу деца, ќе си измислев дете како што си ти. Моето сѐ си ти, но и сите ближни, сите луѓе околу тебе и сѐ што Бог ни дал за да се радуваме и да го менуваме овој свет кон подобро. Ти благодарам за љубовта. Среќен 12. роденден, суперхероју мој“, напиша Ребека на Фејсбук.
Неодамна во интервју за „Репортер“ Ребека раскажа дека со Маркијан секој ден е нова приказна, искушение, одговорност.
„Јас веројатно сега се носам добро со сето тоа. Кога решив јавно да проговорам, значи сум завршила со моите проблеми и прифаќањето на фактот дека Маркијан е дете со посебни потреби. И ние имаме дома со Мики кризи, затоа што состојбата на Маркијан е променлива. Нам секој ден ни е искушение, самата болест е таква“, рече Ребека. Освен Маркијан, Ребека има уште два сина, близнаците Доротеј и Макариј, кои имаат пет години.