Џез-музичарот Владимир Четкар, денеска со концерт во Чикаго ќе ја почне турнејата во САД. Според предвидената програма, неговата турнеја ќе почне со настап во Skadarliya, а ќе продолжи во Детроит во џез клубот Aretha’s Jazz Café at the Music Hall.
На 12-ти ноември ќе настапи во Bop Stop at The Music Settlement во Кливленд. На 19-ти ноември ќе свири во Њујоршкиот музички клуб Chelsea Table + Stage, а на 30-ти ноември ќе дебитира во Сан Франциско во Black Cat Jazz Club. На 9-ти декември по втор пат ќе настапи во „Нортон Музејот на Уметност“ во Вест Палм Бич во Флорида.
На сите настапи во Америка Четкар ќе се претстави со своја авторска музика и свои аранжмани во придружба на американски музичари. За Репортер ни рече дека со душа ги чека концертите оти во годините со короната најмногу му недостигаат контактот со публиката и настапите во живо.
За потсетување, Четкар дипломира на престижниот музички универзитет „Беркли“ во САД, каде што студираше модерна продукција, аранжман и џез-гитара. Како уметник настапува соло, но соработува и со многу музичари. Неговиот бенд го сочинуваат Мото Фокушима на бас од Јапонија, Ник Фалк на тапани и Милан Милановиќ.