Со порака за солидарност кон пожарникарите, македонскиот гитарист Влатко Стефановски синоќа го започна концертот на Антички театар во Охрид. Тој им се заблагодари за трудот и пожртвуваноста.
„Ве молам, пред да продолжиме да свириме, да ги поздравиме пожарникарите кои храбро се борат со огнените стихии низ Македонија, и да се надеваме дека наскоро ќе се смират“, рече Влатко.
Со него на сцената за првпат настапија и младите музичари Иван Кукиќ кој свиреше на бас гитара и неговиот син Јан чиј добош му пукна среде концерт, па мораше да го замени со нов.
Публиката се забавуваше на „Си заљубив едно моме“, и „Елено ќерко“, песните од албумот „Сеир“, како и на старите добри познатите хитови од некогашната рок-група „Леб и сол“. Публиката уживаше и во песните од нгеовиот нов албум Taftalidze Shuffle.
На концертот гостуваше сопранот Весна Ѓиновска-Илкова со која ја испеа „Македонско девојче“ и Con te partiro“ од Андреа Бочели.
За крај, посетителите имаа можност да ги испеат на цел глас „Учи ме мајко, карај ме“ и „Скопје“, како и „Бистра вода“, за која вели дека му е особено драга и после 30 години.