Според „Варајати“, македонскиот режисер Горан Столевски е меѓу најдобрите десет за 2022 година

Списанието за филмска, музичка и театарска уметност „Варајати“ го смести режисерот Горан Столевски на својата листа со режисери што не треба да ги пропуштиме во 2022 година. Македонскиот режисер се најде на листата за неговиот најнов филм „Нема да бидеш сама“, кој ќе има премиера на 28 јануари.

„Уште еден неверојатен автор, едуциран во Австралија, го поврзува фолклорот на родната Македонија во своето натприродно долгометражно деби – ‘Нема да бидеш сама’, што ги истражува проблемите на родот и идентитетот на начини какви што публиката никогаш не видела претходно“, пишуваат од светското филмско списание.

Филмот ја раскажува приказната за девојче што ќе биде киднапирано и трансформирано во вештерка од страна на древен дух со голема моќ. Столевски, освен што е режисер, го напиша и сценарио за филмот. Главната улога во филмот ја игра Сара Климоска.

Столевски живее во Австралија. Дипломирал мастер за филм и телевизија на Викторијанскиот колеџ на уметности при Универзитетот во Мелбурн. Досега снимил 24 кратки филмови. Филмот „Види ја ти неа“ доби пет награди, а победи и во категоријата најдобар интернационален краток филм на филмскиот фестивал „Санденс“ во 2018 година.

Scroll to Top