Пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов, преку „Фејсбук“ застана на страната на евровиозискиот претставник Васил Гарванлиев, кој доби критики откога кажа дека има и бугарски пасош.
„Интересно, некои луѓе во текот на годините се обиделе, за жал, и сега се обидуваат да го скршат струмичкиот дух, струмичкиот непокор, струмичката храброст, струмичката спремност, тој чуден стремеж струмички за перфекционизам. За волја на вистината, не успеале! Нема ниту сега да успеат, струмичкиот дух не е стакло, третирајте го како жив. Можете да го делите, да го крчмите ама на крајот се соединува во едно. Така ќе биде и овој пат, Васил понуди квалитет, вокален и текстуален. Тој квалитет ѝ го подари на државата, на сите нам, без разлика какви сме, кои сме, како размислуваме, што ние мислиме. Ни даде подарок со кој треба да се радуваме и нешто што исклучително треба да го почитуваме.
Биди сигурен, Васил, дека огромен дел од граѓаните дава поддршка на тоа што го работиш, за жал, некои луѓе во тоа видоа шанса за политички профит.
Јас сум убеден дека ниту една разлика, политичка, етничка, верска или каква било друга, нема да биде посилна од желбата за наш заеднички успех, предводен од Васил Гарванлиев.
П.С. „Марионка лична Македонка“!
Не заборавајте го хитот од „Златно славејче“!, напиша Костадинов.