Балерината Стефанија Гаштарска е првата Македонка која стана дел од ансамблот на познатиот руски театар „Бољшој“ во Москва. Тоа и успеа на Гаштарска на 18 години. Неодамна со осум други руски балерини, Стефанија се најде на листата од руски „Форбс“, кои се сметаат за идните ѕвезди во Русија.
Стефанија живее во Русија од нејзина 14 годишна возраст, односно веќе седум години. Се школувала во државното училиште во Перм, а дипломирала на Академијата Бољшој во Москва. Веќе втора сезона е вработена како балерина во Перм Опера и Балет.
Изборот на руски „Форбс“ кој ја смести во осумте најдобри балерини во Русија е голема мотивација за Стефанија.
„Тое е потврда за мојата работа и вложен труд и посебно чувство на среќа и благодарност, дека некој будно ја следи мојата кариера. Горда сум на себе и од постигнатото и сето ова ми потврдува дека сум на правиот пат и со многу работа, голема посветеност, самовложување и чесност, соништата се исполнуваат“, рече Стефанја за Репортер.
Сега Стефанија го живее сонот, да игра на сцената во Бољшој.
„Да се игра на таа сцена во Бољшој театарот е навистина возвишено чувство, нешто што треба да се заслужи, голема привилегија и огромна среќа. Јас таа сцена ја почуствував на мои 16 години и тоа ми е длабоко врежано во срцето и меморијата. Тоа беше остварување на детскиот навидум нереален сон и чувство што никогаш нема да го заборавам. Точно е дека тоа беше мојот сон, но откако видов од блиску каква е моменталната политика на куќата и нивото на театарот, желбата ми се смени и сега мојот сон е насочен кон еден друг театар, секако во Русија“, вели Стефанија.
За да стигне таму каде што е денес, поминала макотрпен пат. Но како што вели вредело затоа што ги игра главните улоги скоро во сите балети кои се на репертоарот.
„Прилично тешко мора да признаам. Само јас и мајка ми знаеме низ што се поминавме. Но сега кога сум веќе таму каде што сакав да бидам и ги играм главните улоги на скоро сите балети од железниот репертоар на само 20 години е достигнување на кое сум горда и прави да заборавам на целата мака, на сите солзи, осаменост, тешки моменти. Од денешен аспект вредело“, раскажува Стефанија.
Нејзината мајка која исто така е балерина, бил мотивот за таа да ги запознае убавините на оваа професија и да донесе одлука дека сака да стане балерина.
„Од мала имав прилика да навлезам во убавините на оваа професија и да ја доживеам зад кулисната магија. Се понатаму беше нешто неизбежно, чувствував дека мене ми е место на сцената. А мајка ми од самиот почеток веруваше во мене и беше убедена дека сум родена за на сцена“, вели Стефанија.
Неодамна ја играше главната улогата на Јулија во балетот „Ромео и Јулија“. За да се подготви главна улога е многу комплексна и напорна работа.
„Подготовката на главна улога бара детално проучување на улогата, учење на кореографијата, техничко и уметничко спремање кое трае еден месец, па и повеќе со целодневни проби. Спремањето на улогата на Јулија беше голем предизвик за мене. Таа улога освен што има голема техничка има и уметничкатежина. Тој спој на наивно невино девојче кое прв пат ја вкусува љубовта, но и неправдата, болката па на крај и смртта е навистина тешко да се долови“, раскажа македонската балерина.
Најголемата поддршка сите овие години ја има од нејзината мајка и педагог Наталија Анатолевна, без која ниту една улога немало да ја донесе на начин на кој успеала да ја донесе на сцената. Најголем комплимент за Стефанија се зборовите на критичарите и тоа е доказ за нејзиниот вложен труд и посветеност, кои ја мотивираат.
„Јас и мајка ми сме премногу поврзани. Сите чекори одлуки и решенија ги донесуваме заедно. Тоа што мајка ми е во истата професија секако ми помогна многу, затоа што знаеше точно како да ме насочи за да јас денес бидам тука, од натпревари до работа со правите луѓе и педагози, подршка од секој аспект. Тоа што ме научила и на што сум горда е секогаш чесно да се борам за да постигнам нешто. Успехот не паѓа од небо, треба да се заслужи “, вели Гаштарска.
Кога има слободно време, а тоа е еднаш неделно се посветува на сама себе. Чита книги, одмара, оди на масажи, ги средува ноктите, ужива во убав ручек со другарките. Кога не носи балетски костим, вели дека е многу едноставна и природна, така и се чувствува и така се носи.
Рускиот јазик почнала да го зборува течно уште во првите три-четри месеци од нејзино доаѓање во Русија. Немала време за адаптација и веднаш школувањето го започнала во руски клас.
Главната мотивација и успех на кој се воодушевувала бил нејзиниот идол, руската балерина Светлана Захарова.
Другата страна на балетската професија е страдањето на стапалата од честите проби, сценски изведби.
„На една балерина страда целото тело, не само стапалата. Тоа е така затоа што ова е една ретко тешка професија која од една страна прави терор на телото ама рај во душата. Јас практикувам масажи најмалку еднаш неделно на целото тело и секојдневно на нозете со специјални масажи. Без тоа не знам колу телото би издржало од секојдневен напор. Мора да се негуваме и чуваме за телото да ни биде благодарно и подготвено за следната проба“, раскажа Стефанија.
Габриела Додевска
Фото: Фејсбук Стефанија Гаштарска