Тројниот светски шампион во маратонско пливање, Евгениј Поп Ацев, денеска објави дека не успеал да го преплива Ла Манш. Ацев имаше шанса да стане петтиот Македонец кој го препливал познатиот канал. Досега пред него само на четворица пливачи од Македонија им успеал ваквиот потфат.
Нико Нестор во 1959 година, Атина Бојаџи во 1969, Томи Стефановски во 2009 и Игор Димовски една година подоцна. Иако Поп Ацев не успеа да влезе во ова елитно друштво најави дека нема да се предаде и дека во иднина ќе проба да ја оствари посакуваната цел.
„Денеска пробав да го испливам каналот Ла Манш и не успеав. Иако последниве години имав проблеми со пливањето и со здравјето сепак се надевав дека ќе соберам сила и ќе можам. Имав голема желба и сила и добро пливав, но ладната вода ме победи односно го победи моето тело кое отсекогаш лошо се справувало со ладна вода. Иако разочарувањето е големо и ќе ми треба подолг период да го пребродам овој неуспех сепак сум среќен што пробав и собрав уште едно искуство макар и лошо и што ќе можам дома да се вратам жив и здрав“, рече маратонецот.
За потсетување Поп Ацев беше најдобар во светот во 2015, 2017 и во 2019 година, а пред осум години стана и првиот Македонец кој победил на традиционалниот Охридски маратон.