Фолк дивата Сузана Спасовска ја отпеа безвременската „Народе македонски”, една од оние песни кои во себе носат порака и голема вистина за трагичното минато на македонскиот народ. Песната е создадена во спомен на масакрите во 1903 и 1905 година во костурско село Загоричани што биле извршени врз месното цивилно население од страна на Турците и Грците. Убиени биле повеќе од 200 загоричани, а селото било целосно уништено.
Верзијата што во рамките на проектот „Македонијо во срце те носиме“ ја спакува Николче Мицевски, а ја отпеа Сузана Спасовска и е правена според снимката во изведба на Симеон Гугуловски.
„Песната „Народе македонски“ во досегашните изведби може да се најде во две верзии. Оваа верзија е обновена според снимката на Симеон Гугуловски, која познатиот македонски тенор, првенец на Македонската опера ја пееше во 1989 година. Ја одбравме бидејќи песната има голема порака за овој народ кој е сардисан од сите страни. Дава поттик за будење и осознавање во едно време – невреме и желба со сите сили да се зачува родното огниште, изворот. Песната вели дека слободата на човекот и правдината што ја бара сѐ она што е поважно од сите пари и богатства на овој свет.
Со аранжманското видување се доближува до младата генерација, која во последно време со полно срце ги прифаќа старите македонски песни и ги пее во сите прилики, за што посебно се радувам. Задоволството е големо да се биде дел од овој проект со преубави песни со патриотска тематика, кои национално ќе го разбудат овој спокоен и мирен народ, чијашто добрина ја користат сите, но не знаејќи го најважното, дека со пиреј тешко се излегува на крај“, вели Спасовска.
Видеото за „Народе македонски“ во изведба на Сузана Спасовска е на Скендеровски продукција, која стои зад проектот „Македонијо во срце те носиме“ и во чии рамки се препеани 12 македонски песни, во изведба на 12 изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика.