Со Тајзи сме одлична екипа

Поп-пејачката Викторија Лоба и реге-музичарот Тајзи вечерва ќе ја промовираат песната „Каде сме ние“, нивната прва заедничка песна.

„Идејата да се сними дует со Тајзи беше на Роберт Билбилов и, секако, тука знаев дека сме на вистински пат оти самата песна бараше да има спој со машки артист. Тајзи совршено се вклопи и многу придонесе оваа композиција да стане модерно и кул музичко ремек-дело“, вели Викторија за „Репортер“.

„Каде сме ние“ е песна на Роберт Билбилов. Спотот, пак, го снимаше Даниел Јовески, со кого Викторија соработува одамна.

„Снимањето помина опуштено, релаксирано и многу забавно. Ние сме одлична екипа за дружба во комбинација со работа и креативност. Тоа ќе можете да го видите и преку крајниот производ што ќе го промовираме вечерва“, додава таа.

Викторија истовремено работи и на албумот, кој треба да го промовира ова лето.

„Јас сум повеќе од возбудена и се надевам дека ќе успеам да ги реализирам сите мои планови за да го претставам албумот во најдобро светло. Остана уште многу малку песни за доработка. Повеќето композиции се на Роберт Билбилов, а работам и со Марга Сол и неколку други соработници“, вели Лоба.

Од сите досега направени песни, најдрага ѝ е баладата „Херој“ што ја промовираше пред еден месец.

„Песната е преработена на англиски јазик, а наскоро ќе добие и руски текст. Секоја песна раскажува своја приказна, тоа е тоа што сакам публиката да го чуе и почувствува. Албумот, пак, ќе има сè, од искрени нежни емоции до луди и брзи битови што ќе ве натераат да се движите по нивниот ритам“, ни рече Викторија.

А. Јовановска

Scroll to Top