Тамара Котевска на премиерата на „Приказната за Силјан“: Посакувам некои работи да се сменат засекогаш, а некои никогаш

Режисерката Тамара Котевска со емотивен и искрен говор се обрати на премиерата на филмот Приказната за Силјан, истакнувајќи дека прикажувањето на филмот пред домашната публика за неа претставува најголема гордост.

Таа нагласи дека возбудата што ја чувствува не може да се спореди со ниту еден настан досега, без разлика каде бил прикажуван филмот, посочувајќи дека токму средбата со публиката во Македонија има посебна тежина и значење.

Котевска рече дека филмот настанал без амбиција да стигне толку далеку и дека од самиот почеток бил создаден за домашната публика. Иако, како што посочи, ѝ е драго што филмот бил прикажан и надвор од земјата, најважно ѝ е што го гледа македонската публика, а во периодот што следува се планираат премиери и проекции низ целата држава, во секој град. Според неа, луѓето од помалите места заслужуваат еднаква можност да гледаат филмови, иако често таквата можност им недостига.

Во својот говор таа посебно се осврна на луѓето кои се дел од приказната, посочувајќи дека токму тие ѝ даваат смисла на животот и причина зошто ги раскажува овие приказни. Според Котевска, приказните од подлабоките и поскриени места во Македонија се суштински дел од културата и идентитетот и претставуваат светови кои често изгледаат заборавени, а всушност ги држат корените на заедницата.

Режисерката изрази особена гордост за филмската екипа, која, како што рече, се борела од почеток до крај, голем дел од времето без финансиска поддршка. Финансиите дошле многу подоцна, а луѓето кои го носеле проектот, според неа, заслужуваат целосно признание за својот труд и посветеност.

Таа упати и поздрав до кинематографот Жан Дакар, кој поради обврски во САД, каде што присуствува на Cinema Eye Honors, не можел да биде присутен на премиерата.

Обраќањето Котевска го заврши со силна порака, изразувајќи желба некои од работите прикажани во филмот да се променат засекогаш, но и желба некои други да останат непроменети засекогаш.

Scroll to Top