Тенорот Нацоски ќе испрати 24 илјади бакнежи на концертот за Денот на вљубените

Македонска филхармонија, в сабота, 13 февруари, од 20 часот, ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, кој годинава е со наслов „24 илјади бакнежи“.

Солист на концертот ќе биде тенорот Благој Нацоски, кој доаѓа специјално за овој концерт од Италија, а ќе настапат и младата вокалистка Светланата Јовановска и Хорот. Во рамките на концертот ќе има и балетска точка во изведба на Кала Каревски, во кореографија на Саша Ефтимов.

На програмата се љубовни песни, како „Еден бакнеж“, Beautiful Maria, Ne me quitte pas, а насловот на концертот е извлечен од песната 24.000 baci, која исто ќе биде изведена.

„Напишана е во 1961 година од Е. Леони, П. Виварели, Л. Фулчи и А.Челентано. Премиерно била изведена на фестивалот ‘Сан Ремо’ во изведба на Адријано Челентано и Литл Тони и го освоила второто место. Се смета за прва рокенрол-песна која влегла во конкуренција за наградата, воедно и за композиција што ја потретира младината во времето на сексуалната револуција“, соопшти Филхармонијата.

 

Концертот ќе го води диригентката Дијана Имери-Илкоска, која дипломира на Факултетот за музичка уметност, во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 година. Таа изјави дека програмата е специјално избрана со дел од најубавите љубовни теми.

„Постарите ќе може да се вратат во младоста, а помладите да чујат како звучеа љубовните песни во минатото. Особено ми е задоволство да се работи со нашата Филхармонија, како и со одличните солисти Благој Нацоски и Светлана Јовановска, со кои заедно, се надевам, ќе успееме да ја пренесеме нашата љубов во ова време во кое таа ни е особено потребна“, вели диригентката Имери-Илкоска.

Концертите за Денот на вљубените повеќе години се традиционална содржина на Филхармонијата. Концептуално се поинаку обликувани од стандардната програма и најчесто имаат популарен карактер.

Scroll to Top