Тирамису, пармезан и пица не потекнуваат од Италија, тврди италијански академик

Италијанскиот академик Алберто Гранди предизвика гнев кај Италијанците кога изјави дека некои од симболите на италијанската кујна не се италијански, туку американски изум.

Гранди, професор по историја на храна на Универзитетот во Парма, во интервју за Фајненшл тајмс рекол дека рецептот за познатата тестенина Карбонара не е италијански, туку американски и дека единственото место во светот каде што можете да најдете автентичен пармезан е во Висконсин.

Овој професор исто така тврди дека тирамису и панетоне (сладок леб со суво овошје) се релативно нови изуми и дека повеќето Италијанци не слушнале за пица пред 1950-тите.

Новите смели изјави на италијанскиот академик дополнително го зголемиле гневот на Колдирети, здружението на италијански фармери, додека е тек иницијатива за ставање на надалеку познатата италијанска кујна на листата на нематеријално наследство на УНЕСКО.

Здружението Колдирети објавиле дека станува збор за „надреален напад“ заснован на имагинарни реконструкции и дека длабоко вкоренетите кулинарски традиции се доведуваат во прашање.

„Во основа, Американците ја измислија карбонара, а панетоне и тирамису се неодамнешни комерцијални производи. Тој оди дотаму што теоретизира за пармезанот, а оној произведен во Висконсин е од родното место на лажни сирења „произведено во Италија““, велат од здружението.

Изјавите на Гранди делумно се потпирале на постоечката литература, според Фајненшл тајмс.

Што се однесува до карбонара, тој го цитира Лука Чезаре, историчар за храна и автор на „Кратка историја на тестенините“, кој напишал дека „карбонара е американско јадење создадено во Италија“.

Се верува дека карбонара првпат била направена во 1944 година, кога италијански готвач ја подготвил за американските војници стационирани во Италија, користејќи сланина и јајца како главни состојки.

„Италијанската кујна е всушност повеќе американска отколку италијанска“, изјавил Гранди за „Фајненшл тајмс“.

Што се однесува до пармезанот, тоа е сирење кое потекнува од регионот Емилија Ромања и датира од 12 век. Гранди верува дека италијанските имигранти, најверојатно од областа Парма, почнале да го произведуваат во Висконсин на почетокот на 20 век.

Тој објаснил дека пармезанот од Висконсин е модерен пандан на оригиналниот рецепт бидејќи производителите од САД никогаш, за разлика од производителите од Парма, не работеле на подобрување на оригиналниот рецепт.

Што се однесува до пицата, Гранди вели дека пред Втората светска војна таа можела да се најде само во некои градови на југот на Италија, а првите пицерии се отворени во Њујорк во 1911 година.

„За татко ми пицата беше егзотична во седумдесеттите години како што е сушито за нас денес“, вели историчарот.

Реагирајќи на обвинувањата, тој и порача на Италијанската Република дека не разбира зошто го напаѓаат и дека не го доведува во прашање квалитетот на италијанската храна или производи, туку на точен начин ја реконструира историјата на овие јадења.

Scroll to Top