Неодамна новинарката Цеце Николова ја тргна периката која со години е нејзината животна приказна и онака нашминкана и дотерана застана пред фотоапаратите. Фотографиите ги сподели во јавноста и конечно на сите им кажа дека има алопеција. Храбро го сподели она со кое се соочува од дете, проблем кој не се надминува лесно, но со желба да испрати порака на сите кои ја имаат оваа болест.
Кога ја прашав како ја објаснува алопецијата, вели, како болест која им ја одзема самодовербата на луѓето. Вели тоа е болест која им ги врзува рацете за да си ја скројат својата судбина, да си ги исполнат соништата. “Барем на почетокот кога се појавува е така. Сакам да верувам дека секој човек кој се соочил со оваа болест, на крајот ја победува така што се ослободува од товарот и се прифаќа таков каков што е“, го започна разговорот за Репортер новинарката Цеце Николова.
Иако веќе 10 години носи перика, вели дека сепак ѝ требало многу време да се реши јавно да ја тргне.
“Откако се видов себеси на објавените фотографии, дури тогаш сфатив што направив. Сфатив колку голем чекор беше тоа за мене, ослободување од некоја невидлива, а огромна тежина и колку всушност луѓето не гледаат на тоа како да е… не знам ни јас што“, искрена е таа.
За реакциите на нејзините најблиски, а и на јавноста вели: “Беа неверојатно позитивни. Сите, до еден. Верувам дека некој потајно си помислил и по нешто негативно, но многу сум благодарна што во тој момент одлучи да не го сподели тоа со мене. Поддршката што ја добив од сите ми е навистина многу важна и благодарна сум за секоја порака што ја добив, а во која имаше само убави зборови за мојот потег или изглед”.
Цеце, новинар во Алфа телевија и во Точка, на седумгодишна возраст првпат разбрала дека ја имаа оваа болест. Вели дека алопеција има откако знае за себе и дека ова е многу макотрпен процес за сите кои на било каков начин се залагале ова некако да се реши.
“И до крајот на животот ќе им бидам благодарна. Како станав свесна дека имам алопеција? Тоа е зборчето кое засекогаш ќе ми остане врежано во меморијата, а првпат го слушнав од првиот кожен лекар на кој ме однесоа кога имав 7 години“, раскажува Николова.
Кога се зборува за нејзиното детство, ретко кој знае дека таа е дете без родители. Дека детството го минала прво во згрижувачко семејство, а потоа во СОС Детското село. За деновите минати во згрижувачкото семејство вели дека е најтешкиот период од каде носи лоши спомени. Трауми и стрес заради жената што ја чувала во селото Манастирец. Денови минати во ужас, заради кои, вели Николова, најверојатно ја има и болеста.
“Живеев во згрижувачко семејство. Тоа е мојот најстресен, најужасен, најтажен, нај… не знам веќе каков – период од животот. До мојата шеста година живеев во згрижувачко семејство во с. Манастирец, кај една жена која правеше сè – само не се грижеше за мене. Оттаму потекнува веројатно и мојата алопеција. Стресот оттаму, траумите, нешто што е врежано длабоко во мене, а на што јас целосно не се сеќавам, резултира со алопеција. Можеби некогаш ќе почнам да го отворам и тој ‘таен ковчег’ со ужасни тајни оттаму. Можеби… некогаш“, ни раскажа Цеце која на 7 години оди во СОС Детско село.
Ја прашавме како низ годините се носи со алопецијата, посебно во времето на адолесценцијата, кога сите сме многу ранливи. Вели: „Морам да признаам – многу тешко. Барем така беше длабоко во мене, иако сите мои блиски, долгогодишни пријатели, велат дека тоа воопшто не се познавало, дека секогаш сум настапувала храбро. И ден денес не ми е јасно како било тоа можно, кога однатре се распаѓав после секој чуден поглед во главата (читај периката), на секое прашање, секоја навреда, секое озборување кое порано или подоцна ќе стигне и до мене. Но, ете, како велат, тоа што нема да те убие ќе те направи посилен”.
Таа не крие дека алопецијата и периката целиот живот и влијаеле на самодовербата. Постојано внимавала на изборот на перики како вели, да одговараат на нејзиниот карактер и нејзината личност.
“Да бидат ‘јас’. Многу е тешко кога себе се бараш во нешто што може со пари да се купи. Перика… Лицата кои имаат алопеција, точно знаат колку е важна таа маска за самодовербата“, ни раскажува таа за Репортер.
Николова е искрена дека секогаш ја допирале коментарите на луѓето или реакциите. Ја повредувале, па се затворала во соба и со денови не сакала да излезе.
„Сум плачела, сум се мразела себе што изгледам како што изгледам, сум ги мразела и сите кои ме повредиле. Замислете, во толку мало суштество, колкав гнев. Но, да бидам искрена, откако ми се појави друг, малку посериозен здравствен проблем, алопецијата некако падна во сенка. Се помирив со моите перики, па едно време дури почнав да менувам разни форми и бои, бидејќи веќе ми здодеаја претходните“, раскажува репортерката во Алфа телевизија.
Иако вели има чувство дека го надминала сето ова, сепак сè уште ја носи периката.
„Неодамна бев на латино фестивал во Албанија. 5 дена не ставив перика. Луѓето таму ме запознаа во моето вистинско светло. Никој ништо не ме праша, не ме погледна чудно, немав ситуација во која не бев поканета да танцувам, само поради тоа што немам коса. Тоа биле само некои стравови и проблеми кои јас сум си ги имала сама со себе. Но, пред да се вратам во Скопје, повторно си ја ставив периката“, вели Николова.
Искрена е дека и покрај сите позитивни коментари кои ги добива, сепак како да се плаши од некој чуден поглед од случаен минувач. Вели има чудна форма со коса на главата, па мисли дека таа повеќе привлекува внимание од самата ќелавост.
„Но… полека, јас никаде не брзам. Во едно сум сигурна, а тоа е дека многу скоро ќе бидам целосно ‘јас-јас’, па кој како сака нека ме гледа. Само уште малку“, ни вели Николова.
Ја прашав во разговорт и за оној психолошкиот момент. Кога излегувала со другарките кои имале долга коса, какви мисли ѝ поминувале тогаш. Вели: “Искрено не сум имала такви мисли кога сум седела со другарките. Но, имав други ситуации. Уште од 7 години членував во еден латино клуб, каде постојано одевме на натпревари и, веројатно знаете како изгледаат девојките на такви натпревари – носат прекрасни фустани и имаат неверојатни фризури, разни форми на пунџи. Јас пунџи си правев со марамите. Како ми било… Тажно, во моментов само тоа можам да кажам“, искрена е таа.
Николова ни откри дека и покрај алопецијата никогаш нема проблем со љубовта или со партнерите. Дури, вели, таа од партнерот секогаш ја имала најголемата поддршка.
„За партнерот секогаш сум била најубава таква каква што сум“, додава Николова.
Алопецијата не ѝ влијаела на ниедна желба или одлука.
“На пример, додека играш латино, ако носиш перика тоа не е и толку практично. Особено мачно ми било кога треба да му објаснувам некому дека носам перика и дека треба да внимава да не ми падне додека играме. Одново и одново. Но, сепак, колку што не сум сакала да го објаснувам тоа, толку сум сакала да танцувам, па сум нашла некаква средина. Повторно ќе кажам, во ниту еден момент не сум дозволила алопецијата да ме спречи во нешто што сакам да го правам, што и да било тоа”.
Зборуваме и за новинарството кое веќе е дел од неа. Професијата која отсекогаш ја сакала и во која целосно се пронашла себеси, па сега ужива додека ја гради кариерата.
“Сега сум новинар во Точка, а паралелно работам и како ТВ-репортер во утринската на Алфа. Еден ден ќе имам своја забавна емисија, а дотогаш ќе црпам искуство од ова што во моментов го работам.
Покрај новинарството, формирав и Здружение за деца и млади без родители, во кое во главен фокус ни се младите во социјален ризик, односно сите оние кои пораснале без родители, како мене. Здружението го носи името „За тебе – For You“ и со него имам големи и сериозни планови. Во секој случај, сето ова што го работам – многу ме исполнува и на крајот од денот ме прави многу среќна и спокојна”, вели Николова.
Александра Георгиев