Тројца Македонци за еден ден освоија три највисоки врвови на Балканот

Тројца македонски планинари од Скопје, Александар Кирковски, Игор Јовановски и Димитар Тодоровски, го направија невозможното. Тие за неполн ден и пол, сметано со  превозот, ги освоија трите највисоки планински врвови на Балканот.

Мусала (2925 метри надморска височина) на планината Рила во Бугарија, Митикас (2918) на Олимп во Грција и Вихрен (2915 метри) на Пирин Планината во Бугарија.

И покрај големиот студ и длабокиот снег, тројцата храбри планинари успеаја во својата намера во еден здив и во што е можно пократок временски период да се искачат на планинските врвови кои се наоѓаат на различни локации во Бугарија и Грција, а истовремено користеле само конвенционален транспорт меѓу тие локации.

Планирале на трите планински врва да се искачат за еден ден и една ноќ, но тешките временски услови тоа не им го дозволиле. Сепак, успеале да го остварат невозможното, трите највискои планински врвови на Балканот, заедно со транспортот меѓу планините во должина од 600 километри, ги освоија за 30 часа и 55 минути.

„Само за искачување на планините ни беа потребни 21 час. За тоа време поминавме 60 километри и преку 5000 метри надморска височина, во суровите зимски планински услови. За искачување на овие врвови во зимски услови на планинарите вообичаено им се потребни два дена за секој врв. Ние, сите три врва ги освоивме за ден и пол“, се пофали Александар Кирковски, член на планинскиот клуб Македон и лиценциран водач на Федерацијата на планински спортови на Македонија.

Освојувањето на првиот врв почнало 10 минути пред полноќ на 25 декември годинава од местото Горица, од каде што планинарите Кирковски и Јовановски се искачија на врвот Митикис на Олимп во Грција.

На врвот се нашле во раните утрински часови, а 22,5 километри со 2300 метри на денивелација поминале за девет часа и 26 минути.

Следел транспорт до бугарското место Банско, каде што за четири часа и 45 минути, го искачиле третиот највисок врв на Балканот. Вихрен на Пирин во Бугарија.

Време за одмор немало многу, па веќе наредната ноќ тргнале во освојување на третиот и највисок врв Мусала на планината Рила во Бугарија. Поради преголемиот замор, Игор Јовановски останал во планинарскиот дом на 2500 метри надморска височина, а Александар Кирковски и Димитар Тодоровски за 7 часа и 35 минути успеале да го освојат и овој врв преминувајќи 22,8 километри со 1560 метри денивелација.

 

 

 

Scroll to Top