Цули Софијанова: Клиниката е мојот дом, а платата никогаш не ми била 300.000 денари

По вчерашната објава на видеото на новинарот Фуркан Салиу,  во кое се зборува за платата на докторката Аспасија Софијанова-Цули, таа денес се огласи на социјалните мрежи.

„Сакам на почетокот да изразам жалење за тоа што во текот на вчерашниот ден и начинот на кој се одвиваше комуникацијата во јавност.
Секогаш и во секоја пригода во мојата долгогодишна кариера сум била, сè уште сум и ќе останам транспарентна за новинарите. Во текот на вчерашниот ден по 24-часовно дежурство, по предавање на студенти и одржани вежби, добив барање од новинарот Фуркан Салиу да разговара на тема за децата со цистична фиброза. Го поканив и разговорот наместо најавената тема се претвори во настанот кој, за жал, веќе го видовте вчера во кој реагирав бурно на сосема неточни обвинувања кон мене за месечните примања.

Ниту еден денар немам земено надвор од мојата работа, работам само на Клиниката за детски болести и никаде на друго место. Начинот на пресметка на дежурства е утврден со соодветен правен акт и истиот се почитува до деталљ И, на крај никогаш мојата плата не била 300.000 илјади денари никогаш.

Клиниката е мојот дом, ова го знаете многу добро повеќето од вас, мојата вчерашна реакција беше поттикната од шокираноста на обвинувањата за моите дежурства на одделот за интензивна, за сите тешки случаи со дечиња на интензивна и сите останати одделенија. На секој утрински репорт стои моето име за секоја посериозна одлука, а одлуките знаете станува збор за живот и здравје на дечиња. Тие се мојот приоритет, јас работам и кога не сум физички присутна, достапна сум 24/7 и тоа го имам прифатено како животен стил бидејќи тоа е тоа што го знам најдобро во интерес на сите мои и наши пациенти.
Останувам транспарентна и достапна за сите информации“ напиша Цули.

И пред оваа нејзина објава доктор Софијанова постојано добива поддршка од обични луѓе, јавните личности, пријатели, пациенти.

Scroll to Top