Фудбалерот Илија Несторовски важи за човек кому семејството му е секогаш на прво место. И кога минувал низ најдобрите, но и низ најлошите периоди во кариерата, тој не крие дека секогаш поддршката доаѓа од сопругата Мартина, и децата, синот Матео и ќерката Ирина.
Тие беа покрај него и на Европското првенство во Букурешт. Илија поради повредата на коленото не играше, но сепак беше дел од репрезентацијата.
„Фудбалот ми фали премногу, бидејќи бев програмиран дека во овај период ќе настапувам на Европското првенство заедно со моите колеги. Но, за жал, поради повредата не можев да играм. Сепак ми е мило што бев дел од репрезентацијата и ја почувствував атмосферата, макар и од клупата“, рече Илија за „Репортер“ по враќањето дома.
Неодамна синот Матео полнеше 4 години, па Илија и Мартина му направија роденденска забава во игротека. Освен тоа, поради короната, Несторовски изминатава година голем дел од времето го поминуваше дома, па ни кажа дека е среќен што гледал како децата му растат.
„Денот ми почнува со ќерката или синот кои ме будат. Доаѓаат во кревет и ми викаат ‘Тато време е за станување’. Но, утрата ги минувам со сопругата, сакам заедно да го испиеме првото кафе во домашна атмосфера. Искрено, немам некој посебен утрински ритуал, освен што морам да се напијам кафе одма откако ќе го измијам лицето. Најмногу од сè сакам да пијам еспресо, а понекогаш пијам и турско кафе“, ни раскажа тој.
Несторовски вели дека за викенд, ако е слободен, времето секогаш го поминува со децата.
„Од понеделник до петок тие одат во градинка, па затоа викендот го користам да појадувам со нив и да одиграме заедно некоја игра“, открива за Репортер фудбалерот на „Удинезе“.
Ни призна и дека рехабилитацијата по повредата на ногата му оди добро, а тој едвај чека повторно да почне да тренира со своите соиграчи.
„Јас сум секогаш расположен, па и ако се случи да станам на лева нога, тоа кај мене трае многу кратко“, додава тој.
Андријана Јовановска