Васил Гарванлиев: Беше судбина да ја направам бугарската песна за Јуниор Евросонг

Македонскиот музичар Васил Гарванлиев е еден од авторите на бугарската песна за Јуниор Евросонг, „Гласот на љубовта“. Песната ја пеат Денислава и Мартин, а беше промовирана пред неколку дена. Оттогаш Васил вели дека добива само пофалби и позитивни коментари. Не крие дека се гордее со песната што ја направи со композиторот Давор Јордановски и текстописецот Весна Малинова, особено што на конкурсот во Бугарија, освен македонскиот тим, учествуваа и музичари од Холандија, Англија и Шведска.

„Универзумот ме поддржа оваа 2021 година и ми помогна да создавам дизни-музика во која публиката ужива. Јас сум презадоволен од првите реакции и благодарен сум што добив можност да им помогнам на овие млади таленти да ги остварат своите соништа. Би рекол дека е судбина, но ништо не е случајно. Децата имаат прекрасни гласови, а Мартин гласовно ме потсетува многу на мене кога јас бев на негови години“, рече Васил за „Репортер“.

Во текот на разговорот Гарванлиев ни откри дека уште во текот на летото добил понуда да напише песна за бугарскиот избор на Јуниор Евросонг.

„Сè се случи по мојот прв голем настап во Софија, каде што бев единствениот меѓународен уметник. Организаторите ме поканија да бидам дел од камп за пишување музика, каде што фокусот ќе биде на мојата музика, на филмската музика и на Евровизија. Кога стасав таму, ми рекоа дека сакаат да напишам песна што ќе ја испратам на конкурсот за Јуниор Евросонг. Знаев дека ќе има тимови од Холандија, Англија, Шведска, а јас добив можност да формирам свој македонски тим“, ни рече Васил.

 

Пејачот вели дека не размислувал многу со кого сака да соработува. Првин го побарал композиторот Давор Јордановски, со кого ги прави песните за новиот албум. А кога тој прифатил, стапил во контакт и со Весна Малинова, за која вели дека е една од најдобрите текстописци кај нас.

„Весна и ‘Ѓердан’ беа причината што се вратив дома и тие ми го сменија животот. Тројцата тргнавме на турнеја од ‘Нишвил џез-фест’ до Црното Море и заедно поминавме три недели во кои создававме музика. Тоа беше магија“, искрен е Васил.

Но, откога во јавноста се дозна дека македонски музичари ја направија бугарската песна, повторно тргнаа негативни коментари. Васил беше критикуван, слично како и пред настапот на Евросонг во мај. Тогаш се пишуваше за неговото двојно државјанство, а некои луѓе бараа тој да не ја претставува Македонија. Но, Гарванлиев вели дека и сега ги гледа само убавите работи.

„Толку многу сум фокусиран на настапите и снимање на проекти во Чикаго што не трошам време да барам и читам коментари. Јас си ја живеам вистината, спијам мирно навечер, легнувам и станувам со искрена насмевка. Но, и покрај тоа, човек сум, уметник сум, што значи ранлив до болка. Па, тоа ми помага и ми дава енергија и волја да пеам и да бидам уште поискрен“, рече тој.

На прашањето дали добил понуда да направи песна за децата од „Дајте музика“, кои годинава ќе ја претставуваат Македонија на Јуниор Евросонг, Васил вели: „Искрено, не наидов на конкурс, ниту некој ми се јави. Но, знам дека ‘Дајте музика’ е прекрасен проект на МРТ и дека соработуваат со група композитори што ги познаваат децата. Тоа е многу, многу важно“.

Васил, кој во моментот е во САД, вели дека следниот месец ќе оди во Париз за да ги поддржи Мартин и Денислава на натпреварот што ќе се одржи на 19 декември.

„Очекувам да застанат и да ја испеат својата вистина на најискрен и мирен начин. Тоа за мене е победа. Сè друго е бонус“, додава тој.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top