Вечерва почнува „Пиволенд“ на скопското Кале

Вечерва на скопското Кале започнува традиционалната манифестација „Пиволенд 2017“. Ова е десетто јубилејно издание на фестивалот и ќе трае до 12 август. Покрај музиката, овој „Пиволенд“ ќе биде посветен и на утрешниот Суперкуп. На годинешниот „Пиволенд“ посетителите ќе се забавуваат со „Ван Гог“, „Неверне бебе“, С.А.Р.С., „Негатив“, а по подолго време концертен настап ќе има и САФ.  Интересен настап ќе понудат и девојките од „Трибјут ту Бијонсе“, а за љубителите на фудбалот вечерва и утревечер подготвени се повеќе содржини во кои ќе може да уживаат во навивачка атмосфера.

Оваа година со одржувањето на „Пиволенд“ всушност ќе започне и големата летна забава „Супер Скопје“, која ќе се одржи на повеќе локации во градот. На 18 и 19 август забавата ќе се организира на Кејот 13 Ноември, на 25 и 26 август во Старата скопска чаршија, на 1 и 2 септември на улицата Македонија и на 8 и на 9 септември на Боемската улица во Дебар Маало. Фестивалот е под покровителство на Градот Скопје и годинава за негова реализација од буџетот се издвоени 600.000 денари.

Scroll to Top