„Везилка“ и „Тешкото“ на Менхетн, поетска вечер во Њујорк со Блаже Конески

Вчеравечер во Македонскиот културен центар на Менхетн во Њујорк се одржа поетско читање посветено на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, столбот на македонската култура, литература и поезија. На настанот „Поетска вечер“, што го организира Генералниот конзулат на Република Македонија во САД, се говореше за Конески како визионер за настаните и случувањата во културното и општественото живеење на македонскиот народ преку неговата поезија.

„Конески е светилник во нашата држава, кој го осветли патот кон трајните вредности на нашиот живот, културен идентитет. Со него станавме препознатливи во светот и македонскиот јазик се впиша во картата на светските јазици. Делото на Конески на некој начин го заштити и сплоти македонскиот народ. Затоа, да го чуваме, негуваме и да си го сакаме нашиот мајчин јазик, да го користиме правилно, да го збогатуваме со нови зборови, наши изворни и на тој начин да го продолжиме заветот што ни го остави тој“, истакна професорката Соња Панева, која го подготви настанот.

На свеченоста присуствуваа голем број истакнати личности од македонската дијаспора, иселеници, дипломати, претставници од канцеларијата на УНЕСКО, почитувачи на македонската култура. Сe читаа „Везилка“ и „Тешкото“, стихови на македонски јазик читаа актерката и режисер Александра Огненовска и педагогот г-ѓа Лилјана Георгиевски, а на англиски јазик поезија од Конески читаа професорите Вилијам Шу и Никол Бавенкуава. Пијанистката Калина Мрмевска ги изведе „Партита со фолклорни мотиви за пијано“ и „Дафино – за виола и пијано“, во придружба на Алфрида Тозиева. Автор на двете дела е композиторот Гоце Гавриловски.

На поетското читање се одбележаа и 80-годишнината од востанието на македонскиот народ и 30 години независност на Република Македонија.

Scroll to Top