Пејачот и композитор Роберт Билбилов има нова песна „Кој отров“. Тој ги направи музиката и аранжманот, а текстот го напиша Робин Зимбаков, со кого Роберт соработува одамна. За песната Билбилов сними и видео на неколку локации во Охрид, со режисерот Даниел Јовески, кое има речиси 50 илјади прегледи за два дена.
Во песната, освен што пее, Роберт ги свири и виолините. Тој во интервју за „Репортер“ неодамна кажа дека пред да почне да компонира, учел да свири на виолина, а потоа научил да свири и на други инструменти.
„Кога вежбав сам, си барав причина да избегам, да го скратам вежбањето, сè нешто ми текнуваше, ми беше поважно, еј вода да се напијам, да отидам до тоалет. А кога ќе ме видеше татко ми, само ќе ми речеше: Врати се назад, и јас продолжував да вежбам“, се сети Роберт на детството и на најубавите спомени поврзани со неговиот татко, починатиот композитор Хилми Билбил.
Ова е втора песна што Роберт ја промовира за кратко време. Пред неколку месеци тој ја издаде „Нигде не те наоѓам“, а во интервјуто најави и дека е при крај со новиот албум, па се надева дека ќе го промовира до есен.